Abdula Berisha
11 Јануари 2022•Ажурирај: 12 Јануари 2022
СКОПЈЕ
Mандатарот за состав на новата влада на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, официјално му ги достави на претседателот на Собранието, Талат Џафери, Предлог-составот и Предлог-програмата за работа на новата влада, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Димитар Ковачевски, на 29 декември го презеде мандатот од претседателот Стево Пендаровски, откако Собранието на Северна Македонија на 23 декември ја потврди оставката на поранешниот премиер Зоран Заев, исто така од редовите на СДСМ.
Мандатарот Ковачевски и Џафери одржаа кратка средба, а во изјавата за медиумите по средбата Ковачевски зборуваше за владиниот состав и програма.
„Пред малку го доставив составот на Владата до претседателот на Собранието, заедно со програмата. Составот на Владата ги има имињата коишто вчера ги соопштивме од страна на СДСМ, министрите од партијата ДУИ, од ЛДП и од Алтернатива“, рече Ковачевски.
Тој исто така рече дека програмата е продолжение на програмата на СДСМ и владините партнери.
„Програмата е континуитет на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите 2020 година, со тоа што се вградени и програмските определби на новиот коалиционен партнер Алтернатива, како и нови програмски цели коишто произлегоа од новите предизвици коишто се наоѓаат пред оваа влада“, рече Ковачевски.
Меѓу главните предизвици на новата влада, тој ја спомна енергетската криза, одржувањето на благосостојбата на граѓаните, како и продолжувањето на капиталните инвестиции, додавајќи дека меѓу главните приоритети е европската интеграција.
„Во однос на евроинтеграциите, тие се приоритет, и тоа врвен приоритет на Владата, а доколку ја погледнете програмата, таа сега ќе биде и доставена до пратениците, цело поглавје од програмата е посветено на евроинтеграциите“, рече Ковачевски, додавајќи:
„Ние сме членка на НАТО, и тоа е најголемата придобивка којашто ја имавме од Владата предводена од СДСМ и коалиционите партнери бидејќи беа донесени стварно тешки и големи одлуки за државата. Второ, ЕУ е наша стратешка цел и ние заслужуваме отворање на преговори со ЕУ.“
Во меѓувреме, претседателот на Собранието, Талат Џафери, преку социјалните мрежи најави дека седницата на која ќе се расправа и гласа за составот и програмата на новата влада ќе биде закажана за в сабота, 15 јануари.