Admir Fazlagic
10 Мај 2019•Ажурирај: 11 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Полицијата спроведе акција за сузбивање на трговија со дрога на повеќе локации во Скопје, како и во други градови во државата, при што се пронајдени дрога, оружје, пари и други предмети, пренесува Anadolu Agency (AA).
Приведени се три лица, а по едно се трага. Против нив ќе бидат поднесени кривични пријави.
„Вчера од страна на Бирото за јавна безбедност - Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со Одделот за специјални полициски операции при МВР, а во тесна координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, спроведе полициска операција со цел сузбивање на организирана криминална група инволвирана во организирање набавка на наркотична дрога - кокаин, и нејзина дистрибуција и продажба на повеќе различни локации во Скопје и други градови во државата“, соопшти МВР.
Во соопштението се наведува дека ќе бидат поднесени кривични пријави против четири лица, и тоа: И.Ј. (41), Б.Ј. (31) двајцата од населбата Ченто, Н.М. (37) од населба Чаир, и Д.Р. (19) од село Арачиново, а за постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
„Имено, обемната криминалистичка истрага се спроведуваше изминативе три месеци, а целта беше сузбивање на четиричлена организирана криминална група од Скопје, која беше идентификувана како организирана криминална група со дефинирана строга хиерархиска поставеност, која се занимава со набавка на поголема количина кокаин, кој бил препакуван, мешан и продаван на корисници на подрачјето на Град Скопје“, се вели во соопштението.
Според соопштеното, за криминалната група беше утврдено дека во текот на своето делување вршела коруптивни дејствија заради добивање податоци за мерките што ги презема МВР кон членовите на организираната криминална група, како и за добивање корисни информации за конкретни судски постапки што се водат против нив.
„Преку продажбата на кокаин, овие лица се стекнале со големи износи на парични средства, кои ги инвестирале во купување луксузни моторни возила, станови и изградба на куќи. Документирано е и дека оваа група во текот на своето делување користела насилство и закани кон лицата корисници на кокаин, кои навремено не плаќале за набавениот кокаин“, информира МВР.
За време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, обезбедени се голем број материјални докази и документирани се бројни купопродажби на кокаин кон менаџери на кафе-барови, ноќни клубови и ресторани, потоа адвокати, директори, банкари и вработени во јавна администрација, при што лишени од слобода беа 12 лица.
Во контекст на ова, а во рамки на истрагата, претходно поднесени се две кривични пријави до ОЈО Скопје и ОЈО Куманово, против две лица, од кои едно лице вработено на висока позиција во Царинската управа за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Операцијата отпочна во момент кога лидерот на криминалната група се обиде да ја напушти државата, а лишен од слобода беше на Меѓународниот аеродром „Скопје“, со поголема количина парични средства во него. Исто така, од слобода беа лишени уште две лица членови на групата, а по едно се трага.
Еден од членовите на групата беше лишен од слобода во текот на ноќта при обидот за бегство од лишување од слобода во неговиот дом.
Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се: одредена количина кокаин, парични средства (6.300 швајцарски франци, 150 американски долари, 150 евра и 28.500.00? 28.500,00 денари), пет луксузни патнички возила (марка „јагуар“, БМВ, „ауди А8“, „шевролет калос“ и „сеат алтеа“), еден пиштол марка „карл валтер“, две пушки и 52 куршума од различен калибар, два панцира, две мали дигитални ваги, повеќе мобилни телефони, држачи за СИМ-картички, две УСБ и документација за возило. Количината и квалитетот на пронајдениот и одземен кокаин дополнително ќе биде утврдена со крим-техничко вештачење.