СКОПЈЕ (АА) - ФУРКАН АБДУЛА -
Mуслиманите во Северна Македонија, во главниот град Скопје, и денес продолжувааат со читање на Куранот (мукабеле) што е една од традициите од османлискиот период.
Лексичкото значење на зборот мукабеле е „меѓусебно читање“. Како во сите земји од исламскиот свет, така и во Скопје се следи и се практикува од страна на голем број муслимански верници.
Мукабелето обично го читаат хафизи (лица кои Куранот го знаат напамет) или имами на џамии, а се следи и од страна на верниците кои седнуваат пред лицето што чита Куран, го следат и го проверуваат читањето.
По повод месецот на постот, Рамазан, во џамиите во Скопје и во другите градови во Северна Македонија започна да се одржува мукабеле, меѓу кои и во џамијата „Дуќанџик“ во Скопје, каде што десет хафизи го читаат Куранот.

Џамијата „Дуќанџик“ веќе 13 години, од денот кога беше повторно отворена по изградбата завршена во 2007 година поради тоа што поголемиот дел на џамијата беше срушен за време на земјотресот кој го погоди Скопје во 1963 година, ја чува традицијата на мукабеле, а и оваа година, со доаѓањето на месецот на постот Рамазан ја продолжува истата традиција. Мукабелето претрпе прекин во 90-тите години, а оваа традиција продолжува веќе неколку години.
Во текот на Рамазан се одвива мукабеле пред секоја пладневна молитва, од страна на имамот на џамијата „Дуќанџик“, заедно со други деветмина хафизи.
Имамот на џамијата „Дуќанџик“, Абдулќерим Ебиби, во разговор за Anadolu Agency (AA) изрази радост поради тоа што ја продолжуваат оваа, како што рече, 500-годишна убава традиција.
Ебиби нагласи дека од 2007 година, кога беше повторно отворена џамијата по изградбата, непрекинато одржуваат мукабеле за време на месецот на постот, Рамазан.
„Ние повторно се обидовме да ја ревитализираме оваа традиција која тонеше во заборав, и фала му на Господ последните 5-6 години со десет локални хафизи од Скопје читаме мукабеле, и ќе продолжиме да читаме каде и да сме“, истакна Ебиби.
Според него, традицијата на мукабеле постоела речиси во секоја џамија во Скопје, особено во големите џамии. По прекин од 20 години, повторно ја ревитализирале оваа традиција.

Ебиби нагласи дека скопјаните, меѓу кои мажи, жени и деца, му придаваат голема важност на мукабелето.
„Доаѓаат со нивни Курани, и чекаат хафизите да започнат со мукабелето. Ова е една од убавите традиции на Скопје кои датираат од Османлиите. Фала му на Бога, Рамазанот во Скопје поминува убаво. Скопје е еден од градовите на Балканот каде што исламот и Рамазанот најубаво се доживуваат“, додаде тој.
Како што рече Ебиби, Божјиот пратеник Мухамед во светите месеци на исламот, Реџеп и Шабан, постел многу и читал Куран, со што на посебен начин се подготвувал за Рамазан. Читањето на Куранот во текот на месецот на постот, Рамазан, потсетува на објавата на Куранот како света книга на муслиманите.
„Нашиот пратеник имаше специјална програма за подготовка за Рамазан“, рече Ебиби, додавајќи дека пратеникот Мухамед го читал Куранот во присуство на мелекот Џебраил, а и мелекот Џебраил го читал Куранот во присуство на пратеникот Мухамед, коешто се нарекувало „арза“, додека денес се нарекува мукабеле.
- „Не е можно Куранот да се одвои од Рамазанот"
Според Ебиби, Рамазан е и месец на Куранот, кој го опиша како книга за патоказ. „Не е можно Рамазанот да се одвои од Куранот или Куранот да се одвои од Рамазанот“, нагласи Ебиби.

Ебиби истакна дека муслиманите за време на Рамазан треба да се оддалечат од секојдневните работи и повеќе да се фокусираат на читање на Куранот и вршење обреди
„Божјиот пратеник тоа го правеше во Рамазан. Како сунет го имаме терави намаз, кој се состои од 20 реќати, додека како обврска од страна на Господ го имаме постот“, додаде тој.
- „Важно е вашата намера да е искрена“
Ебиби се осврна и на важноста на намерата во молитвите.
„Важно е вашата намера да е искрена. Да внимаваме на нашата намера. Како што е важен почетокот, така е и важен крајот на намерата. Можно е нашата намера на почетокот да е добра, но можно е ѓаволот да се меша и да ви ја наруши добрата намера“, нагласи Ебиби.
Тој нагласи дека муслиманите треба да се борат против измамите на шејтанот (ѓаволот).
„Ние и во намазот треба да се бориме против нив. Посакувам Господ да ни овозможи да извршиме добри молитви кои ќе нè доближат до него“, рече Ебиби, имамот на џамијата „Дуќанџик“ во Скопје.