Admir Fazlagic
05 Јануари 2019•Ажурирај: 06 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ), генерал-мајорот Васко Ѓурчиновски, денеска на караулата „Богородица“ и на армискиот пункт во Богданци, ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Постојаното присуство и на Армијата во поддршка на операциите на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија на јужната граница покажува дека ова е проблем кој Македонија не смее да го занемари“, рече притоа министерката Шекеринска, соопшти Министерството за одбрана на Република Македонија.
Таа додаде дека во 2018 година припадниците на АРМ успеаја да спречат повеќе од 500 нелегални обиди за преминување на границата, додека оваа бројка претходните години беше и неколкукратно поголема.
Министерката Шекеринска порача дека граѓаните на Македонија можат мирно и спокојно да ги слават претстојните празнични денови токму затоа што припадниците на Армијата, деноноќно и професионално се грижат за колективната безбедност.
„Сметам дека е важно, особено во овие денови кога се подготвуваме и за празници, да ја изразиме нашата благодарност на припадниците на АРМ коишто не се дома со своите семејства, туку се тука и извршуваат задачи за граѓаните на Гевгелија, на Богданци, но и на цела Македонија, да не стравуваат од опасност по безбедноста или стабилноста на државата“, рече министерката.
Шекеринска рече дека во разговорите со припадниците на АРМ и армискиот врв, станало збор за начините за зголемување на соработката меѓу различните институции и за подобрување на опремата со која располага Армијата.
Припадниците на АРМ се распоредени на нашата јужна граница од летото 2015 година, како мерка за зајакнато обезбедување на границата од нелегалниот мигрантски бран, а за помош и поддршка на Министерството за внатрешни работи и граничната полиција.