Stipe Mayiç
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Независната пратеничка за националните малцинства, Ермина Лекај Прљаскај, во хрватското Собрание го прими министерот за дијаспора на Република Македонија, Едмонд Адеми, заедно со својата делегација, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Адеми е првиот македонски министер за дијаспора во Владата на Република Македонија, а неговата посета е прва посета на министер од новата македонска Влада на Хрватска.

Во краткото воведно претставување, пратеничката Лекај Прљаскај ја нагласи отвореноста кон сите национални малцинства кои ги застапува и му се заблагодари на македонскиот министер за интересот за посета на Хрватска, соопштено е од Собранието.
Лекај Прљаскај, која во Собранието го застапува македонското, албанското, бошњачкото, црногорското и словенечкото малцинство, истакна дека им стои на располагање на македонските колеги за секој вид на помош и размена на искуства.
„Ја одбрав Хрватска за своја прва официјална посета првенствено поради тоа што во неа живеат и работат многу Македонци и Албанци кои се по потекло од Македонија, и поради тоа што од Хрватска можеме многу да научиме во однос на грижата за националните малцинства“, рече Адеми.
Министерот Адеми нагласи дека Хрватска служи како пример на држава со прецизно уредени односи со малцинствата и со дијаспората, се наведува во официјалното соопштение.
Во своето излагање Адеми истакна дека македонската Влада подготвува Национална стратегија за односите со дијаспората и дека токму хрватскиот модел ќе послужи и во изработката на законодавните рамки, но и во имплементацијата.
Соопштено е дека станало збор и за други области во кои постои простор за унапредување на соработката и за размена на искуства меѓу двете држави, како што е на пример регулирањето на одредени прашања од областа на здравствената заштита, употребата на квоти за вработување на странци во Хрватска и преку културната соработка.
Министерот Адеми и делегацијата за време на својот престој во Хрватска ќе се сретне и со државниот секретар на Централната државна канцеларија за Хрватите надвор од Република Хрватска, Звонко Милас, и со претставниците на македонското и албанското национално малцинство во Хрватска.