Admir Fazlagic
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, по покана на Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија денес го посети казнено-поправниот дом Идризово, за да се запознае со состојбите во најголемиот затвор во државата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Се срамам што сум премиер на земја каде што затворите се надвор од сите стандарди на хуманост и социјалниот аспект на животот на лицата кои се осудени и издржуваат казна во казнено-поправниот дом Идризово“, порача Заев по посетата на затворот.
Тој информираше дека во затворот има многу повеќе затвореници отколку што би требало да има според стандардите. Поради таквите состојби, премиерот Заев порача дека очекува релевантните институции да отворат дебата за лошите услови во затворите.
„Тоа само по себе покажува какви последици повлекува. Тоа за луѓето со слабо здравје е дополнителен проблем, а зборуваме за здравје на луѓе. Храната веројатно е дополнителен проблем со самата бројка, која, исто така, е лоша. Луѓето кажуваат дека за да имаат колку-толку минимум неопходен оброк и квалитетна храна, мораат да додаваат од дома преку пакети што им ги носат, а дел си готват во самите простории“, истакна Заев додавајќи дека многу често граѓаните што издржуваат казна упатуваат апел и пораки преку социјалните медиуми, испраќајќи слики од условите во коишто престојуваат.
Според премиерот Заев, едно од решенијата за состојбите во затворите е Законот за амнестија, за што веќе има дебата во јавноста.
„Ќе го отвориме ова пред самите институции да можат да ја донесат одлуката соодветно на она што меѓународната практика го познава, истакна Заев и порача оти е убеден и знае дека мора да се тргне кон оваа постапка која, според него, со ваквата бројка на затвореници и услови не е конечно решение“, посочи премиерот.
Меѓу другото, Заев изрази увереност дека Владата и Парламентот се подготвени за брзо решавање на лошите и нехумани услови во затворите.