Elena Trenchevska Chekovic
17 Ноември 2025•Ажурирај: 18 Ноември 2025
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, денес го потпиша актот за одржување повторени избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше, како и Центар Жупа, пренесува Анадолу.
Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година, во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство, се наведува во писмената изјава на Гаши по повод потпишувањето на актот.
Се истакнува дека со стапувањето во сила на овој акт, надлежните институции започнуваат со спроведување на законските рокови и процедури.
„Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации да постапуваат совесно, транспарентно и професионално“, нагласува Гаши во изјавата и додава:
„Ги повикувам сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности.“
Тој упати апел до граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да излезат на гласање.
„Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет“, се истакнува понатаму.
Се додава дека Собранието останува посветено на редовните демократски процеси и на консолидирањето на институциите на државата.