Agim Sulaj
24 Февруари 2023•Ажурирај: 26 Февруари 2023
ПРИШТИНА (АА) - На првата годишнина од Руско-украинската војна, во Парламентот на Косово беше организирана церемонија на пречек и врачување благодарници на украинските новинари засолнати во Косово, јавува Анадолу.
На церемонијата учествуваа високи функционери во земјата, како и амбасадори на странски држави.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, порача дека на првата годишнина од страшната војна во Украина, болката е голема за изгубените животи, а солидарноста со Украина, покрај одлучноста за триумф, е максимална.
Османи рече дека Косово ги отвори своите срца и врати поддржувајќи ги новинарите од Украина, бидејќи, како што рече таа, „ја знаеме нивната болка и важноста да се каже и заштити вистината“.
„Украина никогаш нема да биде сама, бидејќи таму секојдневно се брани цела и слободна Европа. Како никогаш досега, светот се соочува со хегемонистичките тенденции на автократите во различни делови. Неиспровоцираната војна во Украина ја покажува опасноста од авторитарни режими како оној на Путин, кој бара проширување на моќта, влијанието и територијата со кршење на правата и суверенитетот на другите народи и со грозоморни злосторства за да ги постигне овие цели“, рече Османи.
Од друга страна, премиерот на Косово, Албин Курти, истакна дека Косово изразило подготвеност да засолни до 5 илјади бегалци од Украина на почетокот на војната, но и воведе санкции кон Русија, во координација со Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).
Курти рече дека Украина мора да победи, бидејќи, според него, само така ќе се зачува мирот и демократијата на европскиот континент.
„Среќни сме што нашето Косово стана дом на 12 украински новинари“, нагласи Курти.
Украинската новинарка Лудмила Макеј нагласи дека напаѓачите планирале да ја заземат контролата врз главниот град Киев за три дена, но рече дека наишле на неверојатен отпор на Украинците кој траел 365 дена.
„Во тоа време, лидерите на соседните земји постепено почнаа да ја сфаќаат опасноста што претставува за светот од криминалниот режим на Путин. Тие сфатија дека Украинците не само што ја штитат својата земја, туку и демократските вредности на другите народи. Затоа, светот започна да се обединува и да ја поддржува Украина во нејзината борба за правото и животот“, нагласи Макеј.
Од април 2022 година, 12 новинари се засолнати во Косово, продолжувајќи ја својата информативна работа за украинскиот народ како новинари и споделувајќи го искуството од нивниот живот во Косово со своите сонародници.
Украинските новинари дојдоа во Приштина преку програмата „Новинари во резиденција“, со посредство на Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите, во координација со Здружението на новинари на Косово.
Идентификувањето и изборот на новинарите го вршат Европската федерација на новинари и Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите, во соработка со Владата на Косово, давајќи им предност на новинарките.