СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА
Состојбата предизвикана од пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) во светот, односно потврдените случаи, жртвите, како и рестриктивните мерки против ширењето на пандемијата во светот, вклучувајќи го и регионот, се настаните што ја одбележаа 2020 година, пишува Агенција Анадолија (АА).
Покрај пандемијата на Ковид-19, на политички план Северна Македонија оваа година стана 30. земја членка на НАТО, но Бугарија стави вето за започнување на преговорите за членството на земјата во Европската Унија (ЕУ), а во Албанија се одржуваа протести, додека во Косово, претседателот на државата беше обвинет за воено злосторство за време на војната на оваа земја со Србија од страна на Специјалниот суд со седиште во Хаг.
- Северна Македонија
Годината започна добро во знакот на културата, при што македонскиот документарен филм „Медена земја“ („Honeyland“) успеа да добие номинации за доделувањето на „Оскар“ во Соединетите Американски Држави (САД).
13 јануари - Документарниот филм „Медена земја“ („Honeyland“) на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефановски успеа да добие две номинации за доделувањето на „Оскар“ – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм.
26 јануари - Снимателите на документарниот филм „Медена земја“, Самир Љума и Фејми Даут, беа прогласени за добитници на наградата за најдобра кинематографија, што синоќа првпат ја додели Американското здружение на кинематографери (ASC) во Лос Анџелес.
- Ковид-19 во Северна Македонија
Откако коронавирусот (Ковид-19) се појави во кинескиот град Вухан, брзо се прошири на глобално ниво кон крајот на минатата година, а кон крајот на февруари е регистриран првиот случај на овој вирус во Северна Македонија.
26 февруари - Министерот за здравство на Република Северна Македонија соопшти дека во земјата е потврден првиот случај на коронавирусот (Ковид-19). Оттогаш не помина ден без новорегистрирани случаи на овој вирус, а моментално земјата се соочува со есенскиот бран на Ковид-19, во кој бројката на починати и регистрирани случаи е висока.
16 март - Северна Македонија ги затвори сите гранични премини во земјата, со цел спречување на ширењето на Ковид-19. Потоа, врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата на 26 јуни донесе одлука за целосно отворање на сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР-тестови и без упатување во домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин.
18 март - Со цел спречување на ширењето на Ковид-19, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, за прв пат во историјата на земјата прогласи вонредна состојба на 18 март. Потоа, тој неколкупати ја продолжи вонредната состојба до 14 јуни, кога целосно ја укина оваа мерка.
27 март - Република Северна Македонија официјално стана 30. земја членка на НАТО-алијансата. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека Северна Македонија станала членка на НАТО по завршувањето на сите официјални процеси.
30 март - Знамето на Северна Македонија со свечена церемонија беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел. Претходно, на 11 февруари, според процедурите, Собранието на Северна Македонија го ратификуваше Северноатлантскиот договор, а по тој повод беше одржана свечена седница и церемонија во присуство на државниот врв и дипломатскиот кор во земјата.
На економски план, важно е да се истакне дека големи загуби поради состојбата со Ковид-19 претрпе туристичко-угостителскиот сектор затоа што во земјата во екот на летната туристичка сезона беше значително намален бројот на странските туристи, но и поради протоколите против Ковид-19 со кои се ограничува работењето на угостителските објекти.
Во рамките на внатрешната политика во земјата, важен настан беа предвремените парламентарни избори.
15 јули - Одржување на предвремените парламентарни избори, што траеше три дена поради гласањето според протоколите за заштита од Ковид-19. На изборите победи коалицијата „Можеме“ предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
31 август - Собранието на Република Северна Македонија ја изгласа новата Влада предводена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Гласањето на Владата следуваше по предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули. Дел од оваа влада се СДСМ, ДУИ, како и партиите БЕСА и Либерално-демократската партија (ЛДП), кои беа предизборни коалициони партнери на СДСМ.
- Спорт - историски успех на Македонската фудбалска репрезентација
12 ноември - Македонската фудбалска репрезентација во Тбилиси ја победи Грузија, со што за прв пат во историјата се пласираше на Европското фудбалско првенство 2020. По тој повод, во Скопје, но и во другите градови низ земјата, граѓаните излегоа со своите автомобили и со знамињата на државата, како и на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, со што го прославија овој историски успех. Исто така, на Граничниот премин „Блаце“, од високите претставници на Владата беше пречекана Македонската фудбалска репрезентација, која допатува од Грузија.
17 ноември - Бугарија стави вето на преговарачката рамка на Република Северна Македонија за почеток на пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ). Информацијата ја соопшти бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, по онлајн одржаната конференција на министрите за европски прашања и надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
8 декември - Откако Бугарија не ја смени одлуката со која не ја одобри преговарачката рамка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и по Советот на министри на ЕУ во Брисел, Владата на РСМ го оцени како „неодговорна геостратешка грешка“ ветото од Бугарија ставено за почетокот на преговорите на земјата со Европската Унија, порачувајќи дека „македонската иднина е европска“.
Во меѓувреме, опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжи да протестира во Скопје и во другите градови низ земјата, изразувајќи незадоволство поради преговорите што Владата на Северна Македонија ги води со Бугарија за спорот поврзан со културно-историските прашања меѓу двете земји.
- Албанија
15 јануари - Албанија прогласи двајца дипломати на Амбасадата на Исламската Република Иран во Тирана за непожелни лица, поради „развој на активност што не е во согласност со нивниот статус“.
11 февруари - Тогашниот премиер на Косово, Албин Курти, престојуваше во официјална посета на Албанија, каде што се состана со претседателот на Албанија, Илир Мета, премиерот Еди Рама и со претседателот на Парламентот, Грамоз Ручи.
11-12 февруари - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, оствари официјална посета на Албанија, при што се состана со високи претставници, меѓу кои и со претседателот на државата, Илир Мета, премиерот Еди Рама и со овластениот министер за Европа и надворешни работи, Гент Цакај.
26 февруари - Почина 99-годишната Неџмије Хоџа, сопруга на поранешниот диктатор Енвер Хоџа.
5 март - Претседателот на Бугарија, Румен Радев, оствари официјална посета на Албанија, каде што беше примен со државна церемонија од страна на неговиот албански колега, Илир Мета, а се состана и со други високи претставници во земјата.
8 март - Потврдени првите случаи на коронавирус во Албанија, додека првиот смртен случај е регистриран на 11 март.
24 март - Откако беа спроведени неколку мерки, како ограничување на движењето на граѓаните, забрана за урбан транспорт и затворање на образовните институции, Советот на министри на Албанија донесе одлука за прогласување на состојба на природна катастрофа низ целата земја поради пандемијата на Ковид-19.
17 мај - За време на рушењето на зградата на Националниот театар на Албанија се случија тензии и судири меѓу полицијата и некои уметници, граѓани и граѓански активисти, кои постојано се спротивставуваа на плановите на Општина Тирана за изградба на нова зграда за театарот на истото место каде што се наоѓаше срушената зграда.
3 јули - Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, оствари официјална посета на Албанија, а на средбите со високите претставници на Албанија беше разговарано за прашањата како што се зголемување на соработката меѓу двете земји, случувањата во регионот и други прашања.
27 јули - Албанскиот Парламент гласаше против разрешувањето на претседателот Илир Мета, откако претходно законодавниот дом формираше истражна комисија, која имаше за цел да ја провери законитоста на дејствијата извршени од страна на претседателот Мета со декретот за локалните избори од 30 јуни 2019 година, како и постапките и процедурите при назначувањето на судиите на Уставниот суд.
22 август - Во Албанија, во административната единица Лач во Општина Курбин, започнаа работите на проектот финансиран од Турција за изградба на 524 станбени објекти за семејствата погодени од земјотресот од ноември 2019 година, проект што е развиен од страна на Државниот завод за развој на домување на Турција (ТОКИ) под водство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, а го спроведува турската компанија „Албајрак“.
6 септември - Претседателот Мета објави декрет со кој донесе одлука парламентарните избори во Албанија да се одржат на 25 април 2021 година.
2 октомври - Во Тирана се одржа заеднички состанок помеѓу Владата на Албанија и Владата на Косово, при што беа потпишани 13 нови договори и протоколи за соработка во областа на железничкиот транспорт, безбедноста, образованието и здравството.
5-6 октомври - Претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Шефик Џаферовиќ, оствари официјална посета на Албанија, при што се состана со највисоките претставници на земјата, меѓу кои и со претседателот Илир Мета, претседателот на Парламентот, Грамоз Ручи, и со премиерот Еди Рама.
27 ноември - Во Албанија се вратени 5 албански државјани, 4 деца и една жена, кои престојувале во камповите во Сирија, по операцијата спроведена во координација со повеќе албански институции и со поддршка на либанските власти.
26 ноември - Албанија ја одбележа првата годишнина од разорниот земјотрес што ја погоди земјата на 26 ноември 2019 година, што беше еден од најразорните земјотреси во последните децении, во кој животот го загубија 51 лице, 913 беа повредени, а 202.291 лице беа погодени.
28 ноември - По повод 108-годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија, што се слави како Ден на знамето и независноста, беа организирани церемонии во земјата со ограничено учество на официјалните лица и на граѓаните поради пандемијата на Ковид-19.
29 ноември - Во Албанија се одбележа 76-годишнината од ослободувањето на земјата од нацистичките окупатори, а по овој повод се одржаа неколку церемонии и активности низ целата земја. За време на Втората светска војна, Албанија беше членка на Светската антифашистичка коалиција и пред 76 години беше ослободена од нацистичките окупатори по 5-годишна војна.
3-4 декември - Состанокот на Министерскиот совет на оваа организација се одржа во организација на албанското претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). На годишниот состанок, главните дипломати на земјите членки на ОБСЕ ја оценија безбедносната состојба во евроатлантската и евроазиската област, како и работата на организацијата во сите области на нејзината активност. На крајот на работите, Хелга Шмид беше избрана за нов генерален секретар на ОБСЕ.
8 декември - 25-годишниот Клодијан Раша е застрелан од полицаец во текот на потрагата во периодот на полицискиот час воведен во рамките на мерките преземени против ширењето на коронавирусот (Ковид-19). Овој настан предизвика бројни реакции од официјалните лица, политичките партии, активистите на граѓанското општество и граѓаните, а мерка притвор беше изречена за полицаецот Невалдо Хајдарај.
9 декември - Во Албанија, по смртта на Клодијан Раша, започнаа протести што се одржуваа неколку дена со учество на претежно млади луѓе, протести што беа придружени со акти на насилство и тензии, а како резултат на тоа десетици полицајци беа повредени и беше нанесена штета на зградите од институциите.
10 декември - Министерот за внатрешни работи на Албанија, Сандер Лешај, даде оставка поради смртта на Клодијан Раша.
16-18 декември - в.д. претседателот на Косово, Вјоса Османи, која воедно е претседателка на косовскиот Парламент, оствари официјална посета на Албанија, при што се сретна со високите претставници на оваа земја, меѓу кои и со претседателот на државата, Илир Мета, претседателот на Парламентот, Грамоз Ручи, и со премиерот Еди Рама.
- Косово
31 јануари - Отворена новата гранична точка Белановце-Станчиќ помеѓу Косово и Северна Македонија.
3 февруари - Пратениците во Парламентот на Косово со 66 гласа „за“, 0 „против“ и 10 „воздржани“ ја изгласаа новата Влада на Косово под водство на Албин Курти.
3 март - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, во Белата куќа во Вашингтон се состана со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Средбата се одржа по повик на специјалниот претставник на САД за дијалогот помеѓу Косово и Србија, Ричард Гренел.
13 март - Во Косово се потврдени првите две случаја на инфекција со коронавирусот.
20 март - Владата на Косово ја укина царината од 100 отсто за производите од Србија и Босна и Херцеговина, и предупреди дека принципот на политички и економски реципроцитет со Србија ќе започне во април.
25 март - Со 82 гласа „за“, 32 „против“ и 1 „воздржан“, пратениците во Собранието на Косово гласаа за уривање на Владата предводена од Албин Курти, на седницата иницирана од партнерот на владејачката коалиција, Демократската лига на Косово (ЛДК).
1 април - Владата на Косово донесе одлука за укинување на царината од 100 отсто за производите со потекло од Србија, и започна со постепено спроведување реципроцитет, а донесе одлука за укинување на оваа царина за производите со потекло од Босна и Херцеговина без да се постави некаква мерка како реципроцитет.
3 јуни - Со 61 глас „за“, 24 „против“ и 1 „воздржан“, Собранието на Косово ја изгласа новата Влада на чело со премиерот Авдулах Хоти, предводена од Демократската лига на Косово (ЛДК) во коалиција со Сојузот за иднината на Косово (ААК), Социјалдемократската иницијатива, Српската листа, како и малите малцински партии.
22 јуни - Косовскиот Србин Дарко Тасиќ е осуден со првостепена пресуда на 22 години затвор за воено злосторство врз албанските цивили извршено во текот на последната војна во Голема Круша, во близина на Призрен. На 1 декември Апелациониот суд ја намали казната затвор од 22 на 11 години.
24 јуни - Специјализираното обвинителство соопшти дека поднело обвинение од десет точки во Специјализираните совети на Косово во Хаг на 24 април, обвинувајќи ги Хашим Тачи, Кадри Весели и неколку други лица за „низа злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиство, незаконско, присилно исчезнување на лица, прогонства и тортура“.
29 јуни - Албанскиот премиер, Еди Рама, оствари дводневна посета на Косово, при што се состана со политичките лидери заради поддршка на Косово по обвинението за косовскиот претседател Хашим Тачи и другите поранешни членови на ОВК.
10 јули - Лидерите на Германија и Франција одржаа виртуелна средба со премиерот на Косово, Абдула Хоти, и со српскиот претседател Александар Вучиќ, на која се согласија да го продолжат дијалогот за нормализација на односите, инициран од ЕУ.
13 јули - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, започна со процесот на испрашување во Хаг, што траеше четири дена по ред.
15 јули - Осум години откако беше поставен камен-темелникот, започна изградбата на Големата џамија во центарот на Приштина, финансирана од страна на Турската фондација „Дијанет“.
27 јули - Министерството за внатрешни работи на Косово потпиша договор за соработка во борбата против организираниот криминал со Европската полициска организација - ЕВРОПОЛ.
4 септември - Потпишан е договорот за нормализирање на економските односи помеѓу Косово и Србија во Белата куќа во Вашингтон, во присуство на претседателот на САД, Доналд Трамп.
9 октомври - Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, го посети Косово, каде што беше примен од високи државни функционери, и ја изрази поддршката на Грција за европскиот пат на Косово.
4 ноември - По налог на Специјализираното обвинителство на Косово во Хаг, уапсен е поранешниот претседател на Парламентот на Косово и поранешен портпарол на ОВК, Јакуп Красниќи, и е префрлен во Хаг.
5 ноември - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, поднесе оставка откако Специјализираните совети при Специјалниот суд со седиште во холандскиот град Хаг го потврдија обвинението против него, а потоа е пренесен во Хаг.
5 ноември - Во согласност со уставните обврски, по оставката на претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателката на косовскиот Парламент, Вјоса Османи, официјално ја презеде функцијата вршител на должноста претседател на Косово.
9 ноември - Хашим Тачи за прв пат се појави пред судот во Хаг, нагласувајќи дека не е виновен за сите точки од обвинението.
16 ноември - Експертите од Мисијата за владеење на правото од Европската Унија на Косово (ЕУЛЕКС), заедно со косовскиот Институт за судска медицина и Комисијата за исчезнати лица на Владата на Србија, пронајдоа човечки остатоци во Кижевак, во близина на Рашка, Србија. Институциите се сомневаат дека има масовна гробница со тела на Албанци убиени за време на неодамнешната војна во Косово.
30 ноември - Започнуваат ископувањата во потрага по човечки остатоци во Кижевак кај Рашка. Тие беа прекинати 11 дена подоцна поради лошите временски услови, а ќе продолжат напролет 2021 година.
news_share_descriptionsubscription_contact
