Bedrudin Brljavac
05 Мај 2023•Ажурирај: 05 Мај 2023
БЕЛГРАД (АА) – Најмалку осум лица загинаа, а 13 се ранети во престрелката што се случи доцна синоќа кај Младеновац, на околу 40 километри јужно од Белград, јавува Анадолу.
Министерството за здравство на Србија апелираше до граѓаните дека се потребни крводарители за ранетите во пукањето.
Потребна е крв од сите крвни групи, соопшти Министерството за здравство.
Дваесет и едногодишен напаѓач отвори оган од автоматско оружје, прво во селото Дубона, а потоа и во селата Мало Орашје и Шепшин.
На местото веднаш се упатени силни полициски сили, а Министерството за внатрешни работи ја започна акцијата „Виор“, во која учествуваат специјални единици, како и хеликоптерска единица на полицијата.
Српската полиција потоа распиша потерница по 21-годишниот напаѓач со иницијали У.Б.
Министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ пукањето кај Младеновац го нарече терористички чин, јави Радио-телевизија на Србија.
Напаѓачот наводно имал двајца соучесници, од кои едниот е убиен во размената на огнот со полицијата, но оваа информација не е потврдена од Министерството.
Пукајќи неселективно во училишниот двор во селото Дубона, напаѓачот убил млад полицаец и неговата сестра, а ранил неколку лица, објавено е на веб-страницата на РТС.
Многу екипи за итна помош се на терен.
Медиумите јавуваат дека 13-те повредени во нападот се згрижени во Ургентниот центар во Белград, во болницата „Драгиша Мишовиќ“ и во болницата во Смедерево. Претходно е јавено дека седум лица во нападот се здобиле со тешки повреди.
Според неофицијални информации од болницата во Смедерево, таму се пренесени десет лица, од кои четири им подлегнале на добиените повреди.
Сѐ уште никој од српските официјални претставници не се огласил со официјални информации за нападот, а според последните информации во Младеновац пристигнал српскиот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ.
Нападот во селата кај Младеновац е втор смртоносен напад со огнено оружје што се случи во Србија за два дена.
Првиот напад се случи во средата, кога во белградското Основно училиште „Владислав Рибникар“ ученик од седмо одделение (13) уби осум ученици и еден припадник на обезбедувањето, а рани неколку лица.