Zylfije Adem Jakupi
24 Јануари 2022•Ажурирај: 26 Јануари 2022
ПРИШТИНА (АА) - Официјалните претставници и граѓаните на земјите кои граничат со Косово изразија незадоволство поради одлуката на Владата на Косово да биде дозволен влез само за лицата што се вакцинирани со три дози вакцина против Ковид-19 или со две дози вакцина и негативен ПЦР-тест, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство на Северна Македонија, Беким Сали, телефонски разговараше со неговиот косовски колега Рифат Латифи, од кого побара Владата на Косово да ја преиспита својата одлука за новите антиковид мерки.
За време на разговорите, Сали изрази загриженост за граѓаните на Северна Македонија кои имаат семејни, деловни и други обврски поврзани со Косово, а кои поради новите мерки не можат да влезат во Косово.
„Побарав од колегата Латифи да ја преиспита оваа одлука и да бара друг начин како да го заштити здравјето на граѓаните на двете земји, но и да не пречи на нивната слобода на движење“, соопштија од Министерството за здравство на Северна Македонија.
Исто така, како што се посочува во соопштението, Сали побарал од Латифи Владата на Косово да ја преиспита одлуката за новите мерки, бидејќи, според неговите зборови, состојбата со пандемијата на Косово е речиси иста како и во Северна Македонија.
Градоначалниците на општините со мнозинско албанско население во јужна Србија, исто така, побараа од косовската Влада да ги преиспита новите мерки.
Градоначалничката на Прешево, Ардита Синани, рече дека новите мерки значително ја отежнуваат слободата на движење на граѓаните од Прешевската Долина, бидејќи многумина не можат да примат трета доза од вакцината бидејќи поминало помалку од еден месец од втората доза и многумина немаат финансиски средства да направат ПЦР-тест секогаш кога треба да ја преминат границата.
„Свесна сум за тешката ситуација со пандемијата на Ковид-19, но ја повикувам Владата на Република Косово да ја преиспита релевантната одлука или дури да ја дополни во насока на олеснување на слободата за движење на граѓаните од нашиот регион“, рече Синани.
Градоначалникот на Бујановац, Нагип Арифи, испрати писмо до премиерот на Косово, Албин Курти, во кое наведува дека новите мерки за влез на Косово ги спречуваат граѓаните на Бујановац да се движат и изрази надеж дека одлуката ќе биде преиспитана.
И граѓаните на албанскиот град Кукс во близина на границата со Косово денеска најавија мирен протест на Граничниот премин „Морина“ поради новите мерки за влез во Косово.
Поради наглото зголемување на новозаразените лица со Ковид-19, Владата на Косово донесе построги антиковид мерки, што стапија на сила од саботата, 22 јануари, и ќе траат најмалку две недели.
Лицата што влегуваат во Косово ќе треба да имаат потврда за примени три дози вакцина против Ковид-19 или потврда за примени две дози и негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа. Од ова правило се изземени оние што се во транзит, странските дипломати акредитирани во Косово, оние што имаат лекарско уверение дека не смеат да ја примат вакцината, како и лицата помлади од 12 години. Лицата на возраст од 12 до 16 години треба да имаат негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа.
Косовските граѓани кои немаат потврда дека примиле две дози од вакцината се обврзани да останат во домашен карантин седум дена од влегувањето на територијата на Косово.
Според последните податоци на Министерството за здравство на Косово, во моментов има 17.743 активни случаи на Ковид-19.