Alma Dekovic
17 Септември 2022•Ажурирај: 18 Септември 2022
ЉУБЉАНА (АА) - На планинскиот врв Кредарица, во северозападна Словенија, саботното утро осамна со снег и ниски температури, додека остатокот од земјата ја зафатија обилни врнежи од дожд, јавува Агенција Анадолија (АА).
На врвот Кредарица, каде утрово е забележана температура од три степени Целзиусови, во 8 часот се измерени 10 сантиметри снег, соопшти Агенцијата за животна средина на Словенија.
Снег падна и во одморалиштето Канин, каде во седум часот утрово паднаа три сантиметри, додека на Крвавац, Вршица и Уршља Гора е забележан леден дожд.
Според прогнозите, обилните врнежи од дожд што од четвртокот предизвикаа проблеми во скоро целата земја, ќе се задржат во западна, централна и јужна Словенија.
Поради обилните врнежи од дожд синоќа е зголемен водостојот на некои реки во Словенија. Како што пренесуваат локалните медиуми, се излеала реката Купа, додека во текот на денот можно е и излевање и на Љубљаница и Крка.
Од Агенцијата за животна средина на Словенија најавија дека водостојот на повеќето реки ќе почне да опаѓа во попладневните часови, што ќе продолжи и во наредните денови.
Според податоците на Управата за заштита и спасување на Словенија, пожарникарите интервенирале на 284 локации. Ангажирани се девет професионални и 178 доброволни територијални противпожарни единици. Најчесто интервенирале на подрачјето на Љубљана, Нова Горица, Ново Место, Трбовље, Цеље и Постојна.