Almir Terzic
28 Септември 2020•Ажурирај: 29 Септември 2020
САРАЕВО (АА) - Со новата одлука на Владата на Република Словенија од утре на граничните премини за влез во државата ќе се применуваат изменети и дополнети одлуки за утврдување на листата на епидемиолошки безбедни земји или нивните управни единици и листите на држави или нивните управни единици со епидемиолошки висок ризик од заразување со Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со промените, на црвената листа се некои делови од државите членки на ЕУ, меѓу кои се Унгарија, Австрија и Хрватска, Италија е на портокаловата листа, а Полска и Србија на зелената.
На зелената листа кога е во прашање ЕУ, односно Шенген-просторот се Кипар, Финска, Латвија, Лихтенштајн, Литванија и сега Полска.
Кога се во прашање останатите земји, на таа листа се Австралија, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Србија и Уругвај.
Црвената листа на земји, односно нивните одредени подрачја за кои е потребен карантин по влез во Словенија, односно негативен ПЦР, Владата, како што се наведува, ја утврдила врз основа на стандардите на ЕУ, односно според Институтот „Роберт Кох“.
Црвената листа вклучува 16 земји членки на ЕУ и шенгенското подрачје, со само административни единици кои се со лоша епидемиолошка слика, и 114 трети земји од земјите со нерамномерна распределба на вирусот.
Кога е во прашање Хрватска, на таа листа се жупаниите Бродско-посавска, Дубровничко-неретванска, Личко-сењска, Пожешко-славонска, Шибенско-книнска, Сплитско-далматинска, Вировитичко-подравска и Задарска.
Кога се во прашање останатите држави, на црвената листа се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија, Турција, САД, Израел...
Во согласност со одлуките на Владата на Словенија пропишано е дека за државјаните на земјите на зелената листа нема карантини за влез во Словенија од некои држави.
Според новата одлука се смета дека лицето доаѓа од земја од зелената листа, доколку во таа земја без прекин престојувало најмалку 14 дена пред влез во Словенија и може да го докаже тоа.
Влез од земјите од портокаловата и црвената листа без карантин сега е возможен само со негативен тест.
Лицето што ќе влезе во Република Словенија, а престојувало во земја од црвената и портокаловата листа или доаѓа од таа земја мора да биде во карантин десет дена поради можно заразување со Ковид-19. Меѓутоа карантин нема да му биде одреден на лице кое на граничниот премин ќе поднесе негативен тест за Ковид-19, што не е постар од 48 часа и што е извршен во држава членка на ЕУ, држава членка на Шенген-зоната или во Словенија.