Dzihat Aliju
12 Март 2026•Ажурирај: 12 Март 2026
СКОПЈЕ (АА) - Со донација од Халкбанк АД Скопје во основното училиште „Имри Елези“ во Општина Чаир, Скопје, беше реализиран проект за уредување на училишниот двор, при што е поставена инклузивна урбана опрема за децата, изградена е училница на отворено и уредена е училишна градина за одгледување градинарски култури, со што се создаваат подобри услови за игра, учење и престој на учениците, јавува Анадолу.
Со уредувањето на просторот, училишниот двор доби нова функција како место каде што учениците ќе може да минуваат повеќе време на отворено, да се дружат и да учествуваат во различни активности.
Поставената урбана опрема овозможува просторот да биде достапен и функционален за сите деца, поттикнувајќи инклузивност и еднакво учество во училишниот живот.
Новата училница на отворено ќе им овозможи на наставниците дел од наставата да реализираат во поинаква и поинтерактивна средина, а училишната градина ќе служи како практичен простор каде што учениците ќе учат за природата, растенијата и процесот на одгледување градинарски култури.
„Нашата банка верува дека секое дете заслужува средина во која ќе може да учи, да се развива и да ги гради своите потенцијали. Со уредувањето на дворот во ООУ 'Имри Елези' сакаме да придонесеме во создавањето поинклузивен и инспиративен простор што ќе го користат сите ученици, како за учење, така и за игра и дружење“, истакна Фатих Шахбаз, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.
Оваа донација е дел од континуираните активности на Халкбанк насочени кон поддршка на образованието и развојот на локалните заедници, преку проекти што придонесуваат за подобри услови за учење и развој на младите.