Admir Fazlagic
24 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Република Србија оствари средби со претседателот на Одборот за европски прашања во Парламентот на Република Србија, Ненад Чанак како и со координаторот на Националниот Конвент за ЕУ на Република Србија , Наташа Драгојловиќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања на средбите се разговараше за взаемната поддршката во процесот на пристапување кон Европската Унија, а посебен акцент беше ставен на размената на мислења, искуства, но и воспоставувањето на механизми и комуникациски канали за натамошна соработка во евроинтегративните процеси.
Османи го истакнал интересот на Република Македонија, а особено на Секретаријатот за европски прашања, за размена на искуства во однос на подготовка и обука на тимот за преговори, како и за најважните предизвиците со кои се соочуваат земјите при самото започнување на преговорите.
„Како предводник на Секретаријатот за Европски прашања, имам преземено обврска да обезбедам соодветна подготовка за евентуален старт на преговорите на Република Македонија, за што искуствата од Србија, како земја – преговарач, претставуваат исклучително значајна придобивка за нас“, изјавил вицепремиерот Османи.
За време на средбите биле отворени и темите за регионалната соработка во насока на регионалните европски иницијативи, како што е Берлинскиот процес, при што Османи потенцирал дека е потребно да се вложи максимален напор за унапредување на инфраструктурните и комуникациските услови за продлабочување на економската и севкупно општествената соработка на двете земји.
Во рамките на посетата на Белград Вицепремиерот Османи претходно оствари средба со министерката за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ. Посетата на Белград е дел од мини балканската турнеја која Вицепремиерот Османи ја започна на почетокот на месецов со посетите на Атина и Тирана, а по посетата на Белград ќе продолжи и со посета на Софија.