Zülfiya Yakup
10 Мај 2017•Ажурирај: 11 Мај 2017
ПРИШТИНА (АА) - Косово во јуни оди на предвремени избори, откако пратениците во Собранието денес изгласаа недоверба на Владата на премиерот Иса Мустафа. За недоверба на Владата гласаа 78 пратеници, 34 беа против, а тројца воздржани од вкупно 113 присутни пратеници, јавува Anadolu Agency (AA).
За изгласување на недоверба на Владата беше доволно просто мнозинство од 120 пратеници на Собранието, или 61 глас.
Расправата за недоверба на Владата траеше околу три часа. Изгласувањето недоверба беше спроведено на барање на опозициските парламентарни групи: Иницијатива за Косово, Алијанса за иднината на Косово и движењето „Самоопределување“, поддржано со потписите на 42 пратеници.
На почетокот на денешната седница, шефицата на пратеничката група на Иницијатива за Косово, Валдете Бајрами, во име на својата партија, која беше иницијатор на дебатата, го претстави барањето, истакнувајќи дека оваа Влада се покажала неспособна да носи важни одлуки за земјата. Таа наведе неколку причини зошто актуелната влада треба да падне.
„Договорот потпишан со Србија во Брисел за Заедницата на општини со српско мнозинство, во 23 точки е во спротивност со Уставот на Косово, така констатираше Уставниот суд на Косово. Договорот за демаркација со Црна Гора, нефункционирањето на Собранието и на Владата, тоа го видовме многупати, па и денес. Нефункционирањето на институциите, астојот во визната либерализација, заробен правосуден систем, недостаток на економски развој и недостаток на инвестиции“, рече Бајрами.
Потоа на пратениците им се обрати премиерот Иса Мустафа, кој за време на 20-минутното излагање рече дека барањето за изгласување недоверба на Владата е политички памфлет без никаква аргументација. Мустафа, кој е и лидер на Демократскиот сојуз на Косово (LDК), истакна дека постои тенденција сите злоупотреби и штети создадени од претходната влада да ѝ се префрлат на актуелната.
„Сметам дека барањето има за цел дестабилизација на земјата и создавање на недоверба во институциите и институционален вакуум. Има за цел прикривање на адресата на одговорните за штетните и корупциски афери и повеќемилионски загуби на јавни пари нанесени на оваа земја“, рече премиерот.
Тој додаде дека фактите зборуваат сосема спротивно во однос на она што е наведено во петицијата за изгласување недоверба на Владата. Наведувајќи одредени успеси на Владата, премиерот го спомена најмалиот јавен долг на Косово, не само во регионот, туку и во Европа, економскиот раст од околу четири отсто, потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, договорите со ММФ со кои се обезбедени 700 милиони евра за капитални инвестиции, успехот во борбата против тероризмот и во трговијата со луѓе, како и голем број зачленувања во меѓународни организации.
Тој исто така потсети дека оваа Влада наследила некои неправилности од минатото, како што се повеќе штетни договори поради кои Косово сега има обврска да исплаќа милионски надоместок. Тој рече дека Владата исполнила 94 од 95 критериуми за визна либерализација, и дека останала само ратификацијата на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора. Тој исто така истакна дека е завршена законската инфраструктура за трансформација на косовските Безбедносни сили во војска, и дека тој закон веќе е во собраниска процедура.
Мустафа нагласи дека оваа Влада немала ниту една коруптивна афера, за разлика од пратениците во Собранието, од кои многумина имаат проблеми со законот. Тој, исто така рече дека без оглед на исходот од гласањето, членовите на оваа влада остануваат со чист образ.
Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (PDK), Зенун Пајазити рече дека не е време да се зборува за успесите на оваа влада, бидејќи како што истакна, застојот на земјата е евидентен. Тој посочи дека се чека слободата на движење низ Европа и формирањето на војската, но рече дека не смее да се заборави однесувањето на опозицијата која со насилни средства ја блокираше работата на институциите. Пајазити оцени дека неговата партија вложувала континуиран труд со коалициските партнери да носи одлуки кои ги бараат граѓаните и меѓународните партнери, но дека немало координација.
„Волјата на Демократската партија на Косово е во согласност со барањата на граѓаните, ние сме единствени во нашите ставови, како пратениците така и раководните органи на Демократската партија. Затоа ги повикувам пратениците денес да ја пренесат волјата на граѓаните на Косово“, рече Пајазити.
Шефот на пратеничката група „Самоопределување“, Глаук Коњуфца, порача дека оваа влада треба да падне. Тој ја обвини ПДК дека е криминална партија, а Мустафа го обвини дека се бори само за својата фотелја.
Според Уставот на Косово, по изгласувањето недоверба на Владата, предвремените парламентарни избори мора да се распишат не порано од 30 дена, а најдоцна во рок од 45 дена.