Adel Ömeragiç
10 Мај 2017•Ажурирај: 10 Мај 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Претседателот на которскиот Основен суд, Бранко Вучковиќ, денес издаде потерница за поранешниот претседател на Државната заедница на Србија и Црна Гора и некогашен висок фунцкионер на ДПС, Светозар Маровиќ. Потерницата е издадена заради издржување затворска казна по правосилната пресуда на Вишиот суд во Подгорица, во траење од три години и девет месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
„Казната на именуваното осудено лице е изречена поради сторени кривични дела, и тоа две продолжени кривични дела злоупотреба на службената позиција преку поттикнување од членот 416, став 3, во врска со став 1, во врска со член 24 и член 49 од Кривичниот законик на Црна Гора, извршено на организиран начин, и продолжено кривично дело измама од член 244, став 4, во врска со став 1, во врска со член 49 на Кривичниот законик на Црна Гора, извршено на организиран начин“, се наведува во соопштението.
Наредбата веднаш е доставена до Центарот за безбедност на Будва, поради извршување.
Некогашниот претседател на државната заедница на Србија и Црна Гора претходно на обвинителите им призна дека бил шеф на организирана криминална група којашто го оштетила буџетот на Будва за повеќе десетици милиони евра и се договорил со обвинителството околу казната и нејзиното издржување. Врз основа на двата договора, вкупно е осуден на три години и 10 месеци затвор, 100.000 евра парична казна, плаќање судски трошоци и наложено му е да врати на државата повеќе од милион евра.