Zlatan Kapic
07 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Претставниците на владите на Србија и Туркије денеска во Белград потпишаа низа договори меѓу кои и оној за патување на државјаните на двете земји само со лична карта, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи на Туркије, Сулејман Сојлу и српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, во присуство на претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го потпишаа Протоколот за измени на Договорот за меѓусебно откажување од визите, потпишан во Белград на 12 јули 2010 година и Договорот за заемно поттикнување и заштита на инвестициите.
Потпишани се и Договор за соработка во областа на иновациите во напредните технологии, Меморандум за разбирање за соработка во областа на сузбивање шумски пожари и Меморандум за соработка во областа на медиумите и комуникациите, кои ги потпиша министерката за култура на Србија, Маја Гојковиќ и претседателот на Дирекцијата за комуникации на Туркије, Фахретин Алтун.
Потпишан е и Меморандум за соработка во областа на електронската администрација меѓу Канцеларијата за информатичка технологија и електронска администрација на Србија и Канцеларијата за дигитална трансформација на Претседателството на Турција.
Протоколот за соработка меѓу Радио-телевизијата на Србија и турската радиотелевизиска корпорација го потпишаа генералниот директор на РТС, Драган Бујошевиќ и генералниот директор на ТРТ, Мехмет Захид Собачи.