Admir Fazlagic
30 Октомври 2020•Ажурирај: 31 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски изрази сочувство до турскиот народ по повод земјотресот во Измир, во Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сочувство до турскиот народ за страшната трагедија која ја предизвика земјотресот во близина на Измир. Неколку човечки животи згаснаа, стотици лица се повредени, а материјалната штета е огромна. Сочувство и до нашите грчки соседи за загубите во силниот земјотрес кој денеска покрај Турција, ја погоди и Грција, предизвикувајќи загуби на човечки животи, повредени лица и значителна материјална штета. Во нашите мисли се сите кои изгубија членови на своите семејства и свои блиски луѓе", напиша Пендаровски на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Најмалку 12 лица загинаа, а 522 се повредени откако земјотрес со јачина 6,6 степени денеска го погоди Измир, во Турција.
Министерот за животна средина и урбанизација на Турција Мурат Курум соопшти дека се на терен 1.227 спасувачки тимови. Тој информираше дека осум преживеани лица се на одделот за интензивна нега, додека пет починале за време на операција.
Претходно, гувернерот на Измир, Јавиз Селим Косгер соопшти дека под урнатините се спасени околу 70 лица.
АФАД соопшти дека дошло до нов земјотерес со јачина од 5,1 степени кој го погодил Егејското море, односно околу 20 километри од дистриктот Кушадаси, во турската област Ајдин.