Furkan Abdula
12 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, присуствуваше на воената вежба „Брз одговор 22“, која се реализира на армискиот полигон „Криволак“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, домаќин на оваа вежба која се реализира од 2 до 20 мај, е Северна Македонија.
За време на посетата на „Криволак“, Пендаровски беше брифиран за воената вежба „Брз одговор 22“ и ги проследи вежбовните дејства кои претставуваа комбинирани воздушни активности со падобрански скокови, хеликоптерски десант и авиони, во кои учествуваа вооружените сили на осум земји членки на НАТО.

Пендаровски ги поздрави претставниците на специјалните единици и посочи дека оваа обемна вежба ја демонстрира колективната подготвеност на НАТО и претставува исклучителна можност Северна Македонија да ги покаже способностите и уникатните капацитети на полигонот „Криволак“ како современ тренинг-центар за изведување на вежбовни операции според сите НАТО-стандарди.
„„Брз одговор 22“ е потврда дека и нашата Армија поседува сериозен капацитет да придонесе кон колективната одбрана, безбедноста и сигурноста на евроатлантската област“, се вели во соопштението.
Според соопштението, вежбата има особено значење за развој на капацитетите на Армијата преку споделување на знаења, способности и вештини, како и зголемување на интероперабилноста со вооружените сили на сојузниците. Истовремено, се вели дека вежбата придонесува за етаблирањето и афирмирање на „Криволак“ како меѓународен тренинг-центар.
„Во воената вежба на „Криволак“ учествуваат 4.600 припадници на вооружените сили на осум земји членки на НАТО: Албанија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, Северна Македонија, САД, Франција и Црна Гора. Во вежбата се вклучени 45 воздухоплови, односно борбени и транспортни авиони и хеликоптери, а за време на вежбата се изведуваат над 700 падобрански скокови“, се нагласува во соопштението.
Вежбата „Брз одговор 22“ има за цел да ја демонстрира способноста за брзо распоредување на копнените сили на САД во Европа и Африка заедно со мултинационалните воздухопловно-десантни сили од Европа.