Zylfije Adem Jakupi
12 Мај 2022•Ажурирај: 16 Мај 2022
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово денеска начелно ја одобри иницијативата за членство на Република Косово во меѓународната организација Совет на Европа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението, Владата оваа одлука ја донела на електронска седница.
„Министерството за надворешни работи и дијаспора со одлуката донесена денеска се обврзува да ги спроведе сите процедури за членство врз основа на важечката законска регулатива“, се додава во соопштението.
Понатаму се нагласува дека Советот на Европа е најстарата меѓувладина организација во Европа, чија основна цел е да обезбеди соработка и единство меѓу членките во областа на човековите права, демократијата и владеењето на правото.
„Човековите права и основните слободи се загарантирани со Уставот на Република Косово, кој ги вклучува конвенциите на Советот на Европа, вклучително и Универзалната декларација за човекови права и Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и нејзините протоколи“, соопшти косовската Влада.
Официјалното барање за членство на Косово во Советот на Европа денеска во Стразбур го поднесе министерката за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала.
Одлуките за членство во Советот на Европа се носат со мнозинство гласови од земјите членки. Со оглед на тоа што Русија се повлече за да избегне протерување од таа меѓународна организација откако воено ја нападна Украина, Косово реши да поднесе барање за членство токму сега.
Иако Советот на Европа не е институција на Европската Унија, вообичаено е земјите кои имаат аспирации да се интегрираат во ЕУ, прво да се приклучат на оваа организација. Четириесет и шест земји од европскиот континент се членки на Советот на Европа, од кои 27 се и членки на Европската Унија.