ТИРАНА (АА) - Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија официјално потврди дека едно повозрасно лице починало од коронавирусот, што е првиот смртен случај во земјата од вирусот Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Седумдесет и тригодишна пациентка заразена со Ковид-19 почина од сериозни компликации како резултат на неколку истовремени срцеви и белодробни заболувања. Пациентката страдаше од други истовремени заболувања: хронична срцева слабост, ХОПБ, срцева слабост NYHA III, атријална фибрилација, хипертиреоза, статус пост бајпас“, се истакнува во соопштението на Министерството.
Претходно денеска, Министерството за здравство и социјална заштита, потврдувајќи уште два нови случаи со коронавирусот Ковид-19, соопшти дека бројот на заразени во Албанија се зголемил на 12.
- Мерки против ширењето на коронавирусот во Албанија -
Институциите во Албанија презедоа дополнителни мерки за да го спречат ширењето на новиот коронавирус Ковид-19, вклучувајќи го и затворањето на локали како што се ноќните клубови, дискотеките, но и спортските центри, базените, културните центри, социјалните центри, како и прекин на судските дејности и услуги.
Низ целата земја во државните и приватните образовни институции, наставниот процес е прекинат до 23 март.
Денеска, албанскиот Парламент преку официјално соопштение потврди дека пленарната седница закажана за 12 март ќе биде одложена до понатамошно соопштение, „поради создадената состојба и во согласност со рамките на заштитните мерки против коронавирусот (Ковид-19)“.
Албанија исто така ги суспендира сите летови и поморскиот транспорт од Албанија кон Италија и обратно. Оваа одлука, според Министерството за инфраструктура и енергетика, влијае само на патничкиот превоз, бидејќи трговскиот транспорт и товарните летови ќе продолжат нормално.
Како дел од мерките, Албанската фудбалска федерација потврди дека фудбалски натпревари во Албанија ќе се одржуваат, но без публика.
Албанскиот совет на министри до 23 март 2020 година одреди слободен ден за еден од родителите на децата кои се државни службеници и други вработени во јавната администрација на централно и локално ниво, како и во други државни институции. Во меѓувреме, услугите на шалтерите низ институциите нема да функционираат доколку истите се достапни преку интернет.