Admir Fazlagic
07 Јануари 2018•Ажурирај: 08 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Православните христијани во земјите од регионот денеска го слават празникот Божиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во сите храмови на Македонската православна црква (МПЦ) изутринава се одржуваат божиќни литургии, a централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан одржа литургија на Св.Василиј Велики.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божиќно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога за сите.

Покрај бројните верници, на божиќната литургија во Соборниот храм во Скопје присуствуваше претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој по одржаната литургија даде изјава за медиумите при што упати честитка по повод празникот Божиќ.
„Се што посакувам за себе и своето семејство посакувам за сите. Многу здравје, радост, среќа и успеси. Како што сме сплотени, солидарни и единствени за празниците, да бидеме такви во текот на целата година но најмногу од сѐ да си ја сакаме, чуваме и почитуваме Република Македонија“, порача Иванов.
Исто така, во изјава за медиумите, празникот Божиќ го честиташе и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој присуствуваше на денешната литургија во Соборниот храм. Во честитката, Шилегов посака здравје, среќа, благосостојба во сите домови и разбирање помеѓу луѓето.
По повод празникот Божиќ, честитка упатија и премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, како и претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери.
- Одбележување на празникот Божиќ во земјите од регионот -
Празникот Божиќ се одбележува и во другите земји во регионот каде се одржаа божиќни литургии.
Во Косово, во Грачаница, православните христијани го одбележаа Божиќ со литургија која беше одржана во манастирот во Грачаница.

Поглаварот на Српската православна црква, патријархот Иринеј, служеше утринска Божиќна литургија во Храмот Свети Сава во Белград, на која присуствуваа неколку стотици православни верници.

Верниците од православна вероисповед во Босна и Херцегоцина, празникот Божиќ го дочекаа со светите литургии во црквите ширум земјата, додека централната литургија беше служена во Соборната црква во Сараево, од страна на митрополитот Хризостом.

Во Црна Гора, во главниот град Подгорица, како и во повеќе црногорски градови утрово беа одржани божиќни литургии. Во храмот Христово Воскресение митрополитот приморски Амфилохије со свештенството служеше литургија.

Исто така, во храмот Преображение Господово во Загреб, беше одржана архиерејска божиќна литургија која ја предводеше митрополитот загребско-љубљански Порфирије Периќ.

Инаку, православните верници ширум светот денес го одбележуваат празникот Божиќ, раѓањето на Исус Христос, кое го слават според Јулијанскиот календар.