Admir Fazlagic
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
СКОПЈЕ
Со традиционалната церемонија за пречек за првиот лет кој денеска пристигна од Киев на Меѓународниот Аеродром Скопје, ТАВ Македонија го означи отворањето на новата редовна авиолинија Киев – Скопје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за транспорт и врски на Република Северна Македонија Благој Бочварски истакна дека авиолинијата Киев - Скопје е само потврда на добрата соработка со Украина
„Воспоставувањето на оваа линија веруваме дека е од огромно значање и за двете земји, бидејќи се отвораат бројни можности за унапредување на соработката во делот на економијата, туризмот, културата, инвестициите како и други области што ни се од заеднички интерес. Тоа се совпаѓа со определбите на оваа реформска Влада за обезбедување на услови за привлекување на странски инвестиции во функција на развој на нашата земја. Дополнително, се отвораат бројни можности и за домашните компании за проширувње на сопствените бизниси и пласирање на производите на нови пазари”, изјави Бочварски.
Генералниот директор на ТАВ Македонија Метин Батак, рече дека се среќни и горди што го пречекуваат првиот лет на „Виндроуз" од Киев на Меѓународниот Аеродром Скопје, истакнувајќи дека ова го одбележува воведувањето на новата редовна авиолинија Киев–Скопје, која претставува не само прв позитивен чекор кон закрепнувањето на македонскиот авиосообраќај за време на пандемијата од КОВИД-19, туку и означува историски успех за македонското воздухопловство, бидејќи Северна Македонија и Украина за прв пат во историјата се поврзуваат по воздушен пат.
„Иако сме во време на криза, македонскиот пазар денес е победник, а ние сме благодарни на Виндроуз за нивната одлука. Се надеваме дека Киев како нова дестинација ќе биде атрактивна за патниците од Македонија и од соседните држави, како и дека тие ќе ја искористат можноста да го посетат овој убав град што се протега долж реката Днепар, кој е богат со култура и историја, додека украинските граѓани ќе имаат можност да ги откриваат природните убавини на Македонија. Покрај позитивниот ефект врз туризмот, оваа нова авиолинија Киев–Скопје ќе ги зајакне деловните врски меѓу двете држави, што ќе има позитивен ефект врз целокупната македонската економија“, изјави Батак.
Амбасадорката на Украина во Скопје, Наталија Задорожњук изјави дека постои значителното зајакнување на билатералните односи.
„Украина и Северна Македонија имаат заеднички стратешки приоритети - членството во НАТО и ЕУ. Многу нé радува позитивниот нагорен тренд на економската соработка. Оваа година, и покрај тешката состојба со Ковид-19, за 9 месеци веќе имаме повисока трговска размена во споредба со целата мината година. Имаме и интензивирана соработка меѓу претставниците на туристичкиот сектор. Низа украински туристички компании неодамна ја посетија Македонија. Се разгледува прашањето за организирање на посета на македонските компании во Украина", рече амбасадорката Задорожњук.
Меѓу другото, таа додаде дека „круна на оваа успешна година за билатералните односи е воведувањето на првиот во историјата директен лет на релација Киeв-Скопје-Киeв, со кој ќе се овозможи зголемување на деловните врски меѓу двете држави, ќе се зголеми туризмот во двете земји."
„Виндроуз" ќе лета од Киев до Скопје два пати неделно, во недела и во четврток.
Според најавите, летовите од Киев до Скопје ќе функционираат во текот на целата зимска сезона, како и во текот на летната сезона во 2021 којашто почнува кон крајот на март.