Furkan Abdula
14 Мај 2021•Ажурирај: 15 Мај 2021
СКОПЈЕ
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во рамки на посетата на грчкиот главен град Атина се состана со поранешниот премиер на Грција и актуелен лидер на политичката партија Сириза, Алексис Ципрас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, Заев бил придружуван од страна на вицепремиерите за европски и за економски прашања, Никола Димитров и Фатмир Битиќи.
„Заев и Ципрас изразија задоволство што Договорот од Преспа е силно признаен, препознаен и поддржан од сите чинители во регионот, Европа и пошироко, и што на него се гледа како пример за решавање спорови меѓу други држави“, се вели во соопштението.
Според соопштението, на средбата било нагласено дека денес придобивките од Договорот ги препознаваат и политичките чинители кои од различни причини пред три години се сомневале и не верувале во него.
„Лидерот на Сириза и поранешен премиер на Грција, Ципрас, ја потенцира силната поддршка за Северна Македонија за почеток на преговорите за членство со Европската Унија и порача дека ќе го вложи целиот сопствен капацитет и капацитетот на неговата партија да ја поддржи Северна Македонија во остварувањето на оваа стратешка цел“, се додава во ова соопштение.
Заев и Ципрас се согласни дека ЕУ треба да го исполни ветувањето, кон земјите како Северна Македонија кои покажаа сериозни резултати на европскиот пат и со тоа да се оневозможат нови политички засилувања на националистичките и деструктивните политички чинители на Западен Балкан и во Европа.