Agim Sulaj
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Парламентот на Албанија, Линдита Никола, реализира посета на Косово, во чии рамки се состана со претседателот на косовскиот Парламент, Гљаук Коњуфца, јавува Агенција Анадолија (АА).
Никола и Коњуфца по средбата во косовскиот главен град Приштина одржаа заедничка прес-конференција.
Претседателот на косовскиот Парламент, Коњуфца, упати благодарност до Албанија, за која рече дека стоела покрај Косово во сите негови постигнувања како држава.
Коњуфца нагласи дека досега имало интензивна соработка меѓу Косово и Албанија во неколку области, особено во областа на законодавството и надворешната политика, но дека треба да се одржат редовни средби меѓу двете земји.
Тој рече дека Косово има бројни предизвици пред себе, но „сѐ додека функционерите на Албанија ни велат дека ќе стојат во заштита на интересите на Косово, тоа нѐ охрабрува дека иднината на нашиот народ ќе биде посветла“.
Претседателката на Парламентот на Албанија, Никола, истакна дека координацијата и интеракцијата меѓу двете земји треба да започне со нова сила со цел да има конкретни резултати.
Никола нагласи дека Европската Унија (ЕУ) е заедничка дестинација за двете земји и дека во однос на тоа нема план Б.
Таа изрази надеж во рамки на словенечкото претседавање со ЕУ, Албанија да ја организира првата меѓувладина конференција за отворање на преговорите и Косово да добие позитивна одлука за визна либерализација.
„Ќе соработуваме на сите меѓународни форуми на начин да го ревитализираме процесот на меѓународни признавања на Косово и да работиме заедно со нашите партнери за да ја спречиме дипломатската офанзива на Србија за повлекување на признавањата [на независноста на Косово]. Исто така, треба да комуницираме и работиме повеќе на сите меѓународни форуми со цел светот да се запознае со српските злосторства и светската јавност да се убеди дека Србија извршила геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и со декади ги сокривала криминалите по кои се трага“, нагласи таа.
Инаку, ова е прва посета на Никола во странство од доаѓањето на функцијата претседателка на Парламентот на Албанија овој месец.