Zylfije Adem Jakupi
02 Април 2023•Ажурирај: 03 Април 2023
ПРИШТИНА (АА) – Експлозивна направа e фрлена синоќа врз припадници на Полицијата на Косово, кои биле на службена должност во Северна Митровица, пренесува Анадолу.
Како што е соопштено од косовската полиција, синоќа околу 02:20 часот во близина на Техничкиот центар за контрола на возила во Северна Митровица, непознати лица фрлиле експлозивна направа во правец на полициските службеници што биле на службена должност „единица на статично место“.
„Според првичните информации, постои сомнение дека експлозивната направа фрлена на полицајците била шок-бомба. На местото излегоа надлежна полициска и техничка криминалистичка единица и ги спроведоа потребните дејства“, се вели во соопштението.
За случајот бил информиран и државниот обвинител кој наредил отворање предмет „Напад врз службено лице“, а во тек се интензивни истраги за расветлување на случајот.
Во соопштението се наведува дека косовската полиција, без оглед на ваквите дела на поединци или одредени криминални групи, останува посветена на спроведувањето на законските задачи и овластувања, со цел одржување на редот, гарантирање на безбедноста на граѓаните без разлика, како и апсење и приведување до надлежните судски органи на осомничените лица инволвирани во вакви случаи.
Ова е уште еден во низата напади извршени во последните денови во општините на северот на Косово каде што живее мнозинско српско население.
Претходната ноќ непознати лица во Лепосавиќ во два одделни случаја запалиле три возила чии сопственици се од српска националност. Прво било запалено возило со регистарски таблички РКС, па пожарот зафатил и возило со белградски таблички што било во близина, додека во вториот инцидент, исто така, било запалено возило со таблички на РКС.
Според извештаите на косовската полиција, и ноќта на 31 март непознати лица запалиле три возила со регистарски ознаки РКС, сопственост на Срби, на три различни места во Северна Митровица и Звечан.
Инцидентите зачестија пред вонредните локални избори во четирите општини на северот на Косово, Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, кои се закажани за 23 април.
Изборите најпрво беа распишани за декември минатата година, откако градоначалниците и општинските советници од Српска листа ги напуштија косовските институции во знак на протест поради одлуката на Владата на Косово за задолжителна пререгистрација на возилата од стари српски (КМ) на таблички со ознаката РКС. Таа одлука во меѓувреме е одложена, а изборите беа поместени за април поради лошата безбедносна ситуација.
Српска листа, најголема партија на косовските Срби што ја поддржува официјален Белград, не се пријави на априлските избори, со образложение дека не е исполнет нејзиниот услов за враќање во косовските институции што е, покрај одложувањето на одлуката за пререгистрација на возилата, формирање Заедница на општини со српско мнозинство според Бриселскиот договор од 2013 година.