Ekipa
10 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА/САРАЕВО (АА) - Ниските температури, студеното време и снежните врнежи што го зафатија регионот во последните неколку дена продолжуваат и денеска, јавува Anadolu Agency (AA).
Според утринските мерења на температурите, Сараево со -14 Целзиусови степени е најстудениот главен град во регионот и втор најстуден главен град во Европа. Од Сараево, утрово беше постуден само Букурешт, главниот град на Романија, каде што се измерени - 18 Целзиусови степени.
Подрачјето на Западниот Балкан, односно цела југоисточна Европа утрово е најстудениот дел на континентот. Во Скопје, Приштина и во Белград се измерени - 12 Целзиусови степени , во Загреб -7, Тирана и Подгорица -5, додека од главните градови најтопла беше Љубљана со -4 Целзиусови степени.
- Македонија: Најстудено во Маврово, со температура од -20 Целзиусови степени
Во Македонија утрово е облачно и многу студено. На повеќе места врнежите од снег се со послаби, а на планините и во источните делови, врнежите од снег се со умерен интензитет, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Во Маврово утрово е најстудено, -20 Целзиусови степени, и има најмногу снег, 68 сантиметри.
Времето во текот на денот ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег со слаб интензитет, а во источните делови облачно, со врнежи од снег со умерен интензитет. Ќе дува умерен северен ветер. Највисоката температура на воздухот ќе биде во интервалот од -10 до -3 степени, соопшти УХМР.
Според временската прогноза, до четврток ќе се задржи многу студено време, со благ пораст на дневната температура, а позначителен пораст на температурата ќе има од петок. Нови врнежи од дожд и снег се очекуваат во петок попладне и во сабота претпладне.
- На коловозите има остатоци од снег, АМСМ препорачува внимателно возење
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози со остатоци од снег. Како што соопшти АМСМ, поради ниските температури, наместа е можна појава на голомразица.
Снег со слаб интензитет паѓа низ цела Македонија. АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.
- Косово: На одредени места снегот достигна и до половина метар
На Косово веќе недела дена владее искучително студено време, со многу снег којшто на одредени места достигна висина од половина метар. Хидрометеоролошкиот институт на Косово денеска соопшти дека времето и понатаму е под влијание на поларна воздушна маса и дека повремено паѓа слаб снег. Температурите се движат од -22 до -13 Целзиусови степени. Од среда попладне се очекува воздушна маса што ќе го намали мразот. Состојбата на патиштата на Косово во текот на викендот е нормализирана и сите национални и регионални патни правци се проодни.
- Албанија: Температура до -19 степени и снежни врнежи
Студеното време со температури до -19 Целзиусови степени продолжи и во текот на последните 24 часа во Албанија, создавајќи проблеми во сообраќајот и во секојдневниот живот на жителите во планинските области.
Во меѓувреме, утрово започнаа снежни врнежи во Саранда, Пука и во Дибра. Во официјално соопштение, Министерството за внатрешни работи на Албанија извести дека во регионите на Кукс, Скадар, Дибра, Лежа, Корча, Елбасан, Берат и Валона, иако немало врнежи, поради ниските температури и силниот ветер, на некои патишта биле подмрзнати. Според МВР, сите национални патишта се проодни, а некои делумно, со зимска опрема.
Од друга страна, Вооружените сили започнаа со доставување на помош со хеликоптери до семејствата кои се соочуваат со тешкотии и до планинските подрачја.
Како последица на студеното време, во Албанија досега починаа три лица.