Admir Fazlagic
10 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје, Македонски железници Транспорт А.Д. Скопје потпишаа договор со кинеската компанија „ЦРРЦ Џуџоу" за набавка на четири електрични локомотиви во рамките на Проектот за обнова на возниот парк на Македонски железници (МЖ), јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот за набавка го потпишаа денеска МЖ „Транспорт“ и претставници на кинеската компанија. По тој повод, беше одржана прес-конференција на која беа дадени информации за деталите од договорот за набавка за четирите локомотиви.
Ова е втор проект што го реализираат македонската Влада и компанијата „Џуџоу“, по првиот за набавка на шест нови патнички возови. Инвестицијата вредна осум милиони евра е обезбедена од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а се реализира во рамките на проектот за обнова на возниот парк.
Генералниот директор на Македонски железници „Транспорт“, Никола Костов,, по потпишувањето на договорот истакна дека набавката на четирите нови електрични локомотиви практично значи обнова на возниот парк по 40 години.
„За Македонски железници ова нема да значи само обновување на возниот парк на локомотивите, туку тоа ќе значи доближување до европските и светските стандарди. Тоа ќе значи поголема безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај. За нас, исто така, ќе значи поголема брзина на пругите на Македонски железници, поголема енергетска заштеда и заштита на човековата околина. Сигурно дека тоа ќе значи една ефикасност, заштеда во трошоците на работењето, а на крајот би кажал и подобрување на условите за нашите деловни партнери со кои работиме“, изјави Костов.
Според неговите зборови, набавката на новите локомотиви во однос на вработените во Македонски железници ќе придонесе за поголема ефикасност, мотивираност и сигурно до повисок стандард на професионално однесување при извршувањето на работните задачи, поголема количина на превезена стока за македонското стопанство во интерес на деловните партнери во земјата и во странство, зголемување на бројот на патници во железничкиот сообраќај.
Претседателот на „ЦРРЦ“, Џо Шин Ха рече дека Македонија е важна југоисточна железничка транспортна зона и е постојано во фокусот на „Џуџоу“.
Тој истакна дека компанија ќе обезбеди ресурси и експертиза. Џо Шин рече дека Македонија ќе добие сигурни, безбедни производи со врвни перформанси и прекрасен изглед.
Меѓу другото, Шин Ха напомена дека компанијата „Џуџоу“ ќе овозможи повластени услуги при финансирањето како целосна поддршка за Македонија, за подигнување на квалитетот на јавниот транспорт.
„ЦРРЦ“ е основана во 1936 година и има осум децении искуство во производството и сервисирањето на локомотиви. Произведува супер модерни урбани возови за железнички превоз. Соработува со повеќе од 10 земји во светот.
На потпишувањето на договорот присуствуваа и државните секретари во министерствата за транспорт и врски и за финансии, Божидар Петровски и Игор Димитров, како и амбасадорот и конзулот на НР Кина во Македонија.