Mehmet Hatipoğlu
05 Април 2019•Ажурирај: 06 Април 2019
КОМОТИНИ (АА) – Бегалците што сакаат да заминат во други европски земји протестираа на железничката станица „Ларисис“, во Атина, главниот град на Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Возовите престанаа да возат откако околу 200 бегалци, кои во утринските часови со куфери и лични работи влегоа во просториите на зградата и седнаа на шините.
Голем број полицајци испратени во регионот презедоа безбедносни мерки околу станицата.
Во соопштението од Дирекцијата на станицата се вели дека возовите кои се движеле од Атина до Солун биле откажани.
- Конфликт помеѓу бегалците и полицијата
Според информациите на локалните медиуми, откако по социјалните медиуми се појавиле вести дека европските граници за бегалците се отворени, бегалците во околината на Солун од синоќа почнале да се собираат пред кампот „Анагностопулу“ во Дивата, за да отпатуваат во Северна Македонија.
Откако 500-те бегалци, меѓу кои имало жени и деца, почнале да се движат кон границата на Северна Македонија, интервенирала полицијата.
Полицијата врз бегалците што сакале да ја преминат границата интервенирала со солзавец и звучни гранати, а бегалците возвратиле со камења и стапови. Во настаните повредени се вкупно 3 лица, меѓу кои и еден полицаец, а едно лице е приведено.
Од друга страна, се забележува дека бегалците од соседните провинции и понатаму доаѓаат во Солун заедно со нивните семејства.
Во 2016 година откако беа затворени европските граници, бегалците што останаа во Грција живеат во тешки услови во камповите.
Одвреме-навреме постои напнатост меѓу полицијата и бегалците кои сакаат да ја напуштат земјата и да заминат во други европски земји.