Edıta Zekjırovıc
07 Јули 2022•Ажурирај: 08 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) – На шестиот ден од протестот на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ), демонстрантите најавија блокади низ целата држава од утре со почеток во 13 часот, јавува Агенција Анадолија (АА).
На вечерашниот протест демонстрантите ја сменија рутата. Протестот го започнаa пред Владата на Северна Македонија, но потоа наместо кон Министерство за надворешни работи тие се упатија кон зградата на Министерството за правда. Оттаму продолжија кон Собранието на РСМ, каде го искажаа своето незадоволство од предлогот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на протестот изјави дека што ѝ да се случува понатаму со „национално предавство и катастрофа којашто ја подготвува Владата на СДСМ и ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот тоа нема да го прифати“.
„Денеска ја добивме информацијата дека Владата одлучила преговарачката рамка и оној втор документ кој претставува заклучоци на Советот кои се практично дел од договорот кој владата на СДСМ и ДУИ го направила со официјална Софија, го пренесле денеска во Парламентот иако не ја гледаме логиката зошто во Парламентот кога станува збор за меѓувладина, односно Владата е таа која носи одлука во сето ова. Доколку донесе Владата одлука за што ние силно протестираме и велиме да биде таа ’не‘, тогаш Парламентот е тој што одлучува, а јас силно ве уверувам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи какви било уставни измени“, изјасни Мицкоски.
Протестите поминаа без инциденти.
На вчерашните протести при движењето на демонстрантите од Владата кон Министерството за надворешни работи се случи инцидент при што имаше пукање во воздух. МВР соопшти дека лицето е уапсено.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати апел до организаторите на протестите одржани во Скопје да преземат одговорност и да протестираат достоинствено и без насилство и дека најостро го осудува носењето и користењето огнено оружје од цивили и граѓани на земјава.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското Претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.
Во изминатите денови, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека актуелниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија е ист како претходниот и според него ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека модификуваниот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградените ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.