Fatjon Cuka
17 Јануари 2022•Ажурирај: 17 Јануари 2022
ЛАЧ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и премиерот на Албанија, Еди Рама, денес во албанскиот град Лач присуствуваа на церемонијата за предавање на клучевите на домовите на семејствата кои во земјотресот во 2019 година останаа без покрив над главата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Албанскиот премиер Еди Рама на церемонијата рече дека го смета турскиот претседател за ценет пријател кој, како што рече, „го прави она што го говори и го говори она што го прави“.
„Ова е исклучително посебен ден и ќе зборувам накратко, бидејќи денес сите сакаат да го слушнат големиот пријател на Албанија и имам чест да го кажам тоа, мојот драг пријател, претседателот Ердоган. Многу сум горд што можам да се наречам пријател на претседателот Ердоган“, рече Рама.
Тој понатаму истакна дека Мустафа Кемал Ататурк го всадил духот на модерна Турција дека „човештвото е едно тело и дека секоја нација е дел од тоа тело“.
„Ако дел од ова тело е болен, треба да се грижиме како да сме ние болни. Претседателот Ердоган веќе длабоко го вкорени овој дух во душата на Турција, во пристапот на Турција, во начинот на кој Турција гледа на светот и нејзините пријатели. Тука е материјализацијата на сите убави зборови. Тука можете да видите што мисли претседателот Ердоган кога вели: 'Албанија е во моето срце, а она што ја боли Албанија ме боли мене'“, рече Рама.
На церемонијата говор одржа и претседателката на Парламентот на Албанија, Линдита Никола, која изјави:
„Претседателот Ердоган одговори кратко и едноставно: 'Ова е задача што големиот брат може да ја направи'.“
Проектот за изградба на 522 станбени единици е финансиран од Република Турција и е вреден околу 42 милиони евра. Како дел од проектот, турската државна градежна компанија ТОКИ изгради и деловни единици и стотици паркинг-места.