Abdula Berisha
22 Април 2019•Ажурирај: 22 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателскиот кандидат на претседателските избори во Северна Македонија, Блерим Река, на прес-конференцијата одржана по завршувањето на изборниот процес, изјави дека изборите биле мирни, регуларни, слободни и демократски, јавува Anadolu Agency (AA).
Професорот Река, кој во шестите претседателски избори беше поддржан од опозициските албански партии Алијанса за Албанците и Движењето БЕСА, истакна дека има извоено победа во сите општини со мнозинско албанско население.
Освен ова, зборувајќи за изборните резултати, Река рече дека се надминати неговите очекувања, затоа што има освоено гласови во сите општини со мнозинско македонско население, што според него, е резултат на универзалниот концепт којшто го застапувал: „Република за сите, со закон над сите“.
„Ние, секако дека им честитаме на двајцата противкандидати и им посакуваме успешна трка во вториот круг, иако сме многу скептични дека ќе може да се постигне цензусот од 40 отсто во вториот круг, штом толку тешко се постигна оваа излезност на првиот круг“, изјави Река.
Според прелиминарните резултати, Блерим Река нема да учествува во трката во вториот круг на претседателските избори кои ќе се одржат на 5 мај оваа година. Но Река се изјасни дека нема „да се пазари“ со ниту еден од кандидатите за кои се очекува да ја продолжат изборната трка.
Ист став изразија и лидерите на политичките партии кои ја поддржаа кандидатурата на Река, Зијадин Села (Алијанса на Албанците) и Биљал Касами (Движење БЕСА), кои исто така рекоа дека се почестени со тоа што го подржаа универзитетскиот професор Блерим Река во претседателските избори.