Furkan Abdula
05 Јуни 2021•Ажурирај: 05 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека заклучно со вчера, во земјата се вакцинирани над 245.000 граѓани против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на ова министерство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Во соопштението се вели дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата „vakcinacija.mk“ е 440.213 граѓани.
„На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 245.413 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.255 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.282 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 384.466 дози вакцини, а ревакцинирани се 139.053 граѓани. Со последните бројки 48 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, и 35 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се наведува во соопштението.
Се истакнува дека вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација и дека се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Како што се нагласува во соопштението, масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на „vakcinacija.mk“, бидејќи, според соопштението, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.