Admir Fazlagic
15 Јуни 2020•Ажурирај: 16 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Лидерите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, соопштија дека 15 јули е договорениот датум за одржување на превремените парламентарни избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев во своето обраќање до јавноста истакна дека 15 јули е договорениот датум со опозицијата за одржување на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија.
„За да не страда народот и да им се овозможи на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ на дело да ја покажат својата одговорност го заклучуваме 15 јули како конечен, последен и единствен датум за избори на кои гарантирано ќе учествува опозицијата. Ја информирам јавноста дека денеска повторно разговарав со Мицкоски и тој ми потврди дека е согласен да учествува на избори на 15 јули. 15 јули, среда, неработен ден за сите граѓани, ден за гласање, ден за одлуки и за спас на државата од кризата во која влеговме", истакна Заев во денешното обраќање до јавноста.
„Понеделник 13 и вторник 14 јули ќе бидат ден за гласање на болни и изнемоштени лица, вклучително и оние со Ковид-19, дома или во болници, сите што се во самоизолација и сите хронично болни граѓани. Молкот ќе настапи на крајот на денот на 12 јули, недела", додаде Заев.
Како што рече тој, следен чекор ќе биде да побараат претседателот на државата Стево Пендаровски да прогласи уште една вонредна состојба, за како што рече, „да го обезбедиме учеството на опозицијата на изборите и да промениме денот на изборите односно од недела да биде дефинирано дека се гласа на 15 јули,и исто така дека се гласа наместо до 19 до 21 часот."
„Овој пат барањето за вонредна ќе биде само заради усогласување на 15 јули како конечен датум за изборите и сите промени претходно кои ги спомнав соодветни на Избирачкиот закон, тоа е фер граѓаните да го знаат. Затоа ќе се бара вонредна состојба, заради иборите. Истата не е потребна заради економскте мерки", рече Заев.
Од друга страна, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски, на неговиот официјален профил на социјалните мрежи потврди дека 15 јули е договорениот датум за превремените избори.
„На изборите на 15 јули, среда ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ и заедно со народот ќе го победи изворот на кризата Зоран Заев и СДСМ", напиша Мицкоски.
„Двата услови кои ги баравме се прифатени, прво протоколи за заштита на здравјето на граѓаните, второ мисија на ОБСЕ и ОДИХР за заштита на волјата на граѓаните", истакна Мицскоски во објавата.
Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски во објава на социјалните мрежи го поздрави постигнатиот договор помеѓу лидерите на политичките партии, предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули годинава.
„Очекувам изборите да бидат фер и демократски, како што доликува на земја членка на НАТО и земја којашто отпочнува преговори со Европската Унија.
Постигнатиот консензус за датумот за одржување на предвремените парламентарни избори е уште еден показател дека во секоја зрела демократска земја неопходен е политички дијалог преку кој се носат усогласени одлуки и одлуки исклучиво во интерес на граѓаните", истакна Пендаровски.
Потсетуваме, поради пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) во Северна Македонија се одложија предвремените парламентарни избори првично закажани за 12 април. Откако во октомври минатата година Северна Македонија на Самитот на ЕУ во Брисел не беше донесена одлуката за почеток на преговори за членство со ЕУ, политичките партии се согласија за одржување на предвремени избори за 12 април.