Abdula Berisha
02 Април 2021•Ажурирај: 02 Април 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија повторно се организираа протести против судската одлука за случајот „Монструм“, јавува Агенција Анадолија (AA).
Протестите овој пат поминаа без тензии, иако во протестот организиран на 26-ти февруари беа забележани тензии и судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Демонстрантите, кои го започнаа маршот од паркот во скопски Чаир, пристигнаа пред зградата на Владата, држејќи плакати со натписи: „Нема правда нема мир“ (Pa drejtësi nuk ka paqe), „Стоп за двојните аршини“ (Stop standardeve të dyfishta), „Стоп за селективното судство“ (Stop gjyqësisë selektive).
Еден од организаторите на протестот, истовремено член на семејство на осудените во случајот „Монструм“, Бедри Хајдари, рече „не бараме милостина, туку правда“.
„Оваа штета се манифестира преку политизација и партизација на Обвинителството и Судот, како и нивна употреба за политички цели. Тука не бараме милостина, туку бараме правда, европска правда, а не политичка правда“, рече Хајдари.
Барајќи повторно разгледување на случајот, тој ги повика дипломатските претставници на странски земји да помогнат во формирањето на независно правно тело, составено и од меѓународни обвинители.
Хајдари, исто така, ја повика Владата на Северна Македонија да ги ослободи приведените од протестот на 26 февруари.
- Случајот „Монструм“ -
Кривичниот суд во Скопје на 23 февруари за случајот „Монструм“ изрече три доживотни казни за сторено кривично дело „тероризам“, казна затвор од 15 години за помагање кривични дело, казна затвор од 9 години за помагање кривично дело и една ослободителна пресуда.
Судењето за случајот „Монструм” започна на 20 декември 2012 година. Предмет на овој случај е убиството на 5 лица на 12 април 2012 година кај Смилковското Езеро, во околината на Скопје.
Во јуни 2014 година, шест обвинети лица во процесот „Монструм“ се осудени на доживотна казна затвор. Едно лице беше ослободено од обвинението.
Врховниот суд на 24 ноември 2017 година донесе одлука предметот „Монструм“ да се отвори повторно, а осудените лица да се пуштат од затвор под мерка на претпазливост.
Неутврдената фактичка состојба, како и евентуалното постоење на прислушувани разговори што би можеле да го сменат текот на постапката, беа причините за Обвинителството да поднесе барање до Врховниот суд за носење одлука за повторно отворање на овој случај.