Furkan Abdula
25 Јули 2022•Ажурирај: 26 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Полициските службеници во Северна Македонија при преглед на товарно возило пронајдоа 86 мигранти, меѓу кои и малолетници, со потекло од Пакистан, Сирија и Индија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.
Во соопштението се вели дека на 23.7.2022 во 23:30 часoт на место викано „Каменот“ во Богданци, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Стар Дојран“ го лишиле од слобода Д.М. (44) од Скопје.
„При преглед во товарно возило „сканиа“ со приколка, што го управувал, биле пронајдени 86 лица мигранти од Пакистан, Сирија и Индија, меѓу кои имало и малолетници. Мигрантите биле пренесени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија“, се вели во соопштението.
Според соопштението, возачот бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.