Dzihat Aliju
20 Јули 2021•Ажурирај: 21 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија започна колењето курбани од страна на Фондацијата на управата за верски работи на Република Турција (ТДВ) и Дирекцијата за верски работи на Турција (Дијанет), јавува Агенција Анадолија (АА).
Советникот за верски услуги при Амбасадата на Турција во Скопје, Мустафа Местен, во изјава за АА рече дека тие го извршуваат колењето на курбаните во име на други лица во заедничка организација на ТДВ и Дијанет.

Тој посочи дека во балканските земји 7.000 семејства, кои имаат потреба, ќе добијат курбанско месо.
„Во Северна Македонија ќе обезбедиме 280 единици. Делегација од 9 члена пристигна од Турција“, рече Местен, честитајќи им го празникот Бајрам на муслиманите во Северна Македонија, Балканот и сите исламски земји.

Тој додаде дека распределбата на курбаните ќе се одвива во различни региони на Северна Македонија.
- Што претставува Курбанот?
Празнувањето на Курбан бајрам започнува со бајрамската молитва во раните утрински часови во џамија, продолжува со колењето на курбаните за тие што имаат можност и со посета на блиските, роднините, комшиите и пријателите.
Карактеристично за празникот Курбан бајрам е принесувањето жртва – курбан, кој има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва, потоа од месото раздаваат на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман – аџилакот.
Колењето на курбаните треба да се изврши на начин на кој животните треба да се третираат добро, да не се измачуваат и да се зачува чистотата на околината.