Husamedin Gina
21 Јули 2021•Ажурирај: 22 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија, започна принесувањето жртва – курбан од страна на турската Црвена полумесечина по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фуат Емин, шефот на екипата на турската Црвена полумесечина за Северна Македонија, во изјавата за АА истакна дека Црвената полумесечина и оваа година продолжува со принесувањето жртва – курбан во Северна Македонија.
Нагласувајќи дека денес во Скопје ќе се жртвуваат 100 грла крупен добиток, Емин рече дека вчера во Струмица се жртвувани 700 грла ситен добиток.
„Откако добитокот ќе биде жртвуван овде, 3.000 пакувања месо ќе бидат дистрибуирани до сиромашните во различни региони на Северна Македонија“, истакна Емин, додавајќи дека во Струмица ќе се доделат 2.800 пакети курбанско месо.
Емин, исто така, нагласи дека откако претходно ќе бидат избрани од ветеринарите, курбаните се колат под хигиенски услови во соодветни места и според исламските правила.
Тој исто така му се заблагодари на Црвениот крст на Северна Македонија, кој е партнер на турската Црвена полумесечина, и на донаторите на оваа кампања за принесувањето жртва – курбан.
Меѓу другото, Емин информираше дека турската Црвена полумесечина во рамки на кампањата за принесување жртва – курбан во делот на дистрибуцијата соработува со локалните организации, како што се Здружението на Турци од Источна Македонија, а во Скопје со Здружението „Мерхамет“.
- Што претставува Курбанот?
Празнувањето на Курбан бајрам започнува со бајрамската молитва во раните утрински часови во џамија, продолжува со колењето на курбаните за тие што имаат можност и со посета на блиските, роднините, комшиите и пријателите.
Карактеристично за празникот Курбан бајрам е принесувањето жртва – курбан, кој има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва, потоа од месото раздаваат на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман – аџилакот.
Колењето на курбаните треба да се изврши на начин на кој животните треба да се третираат добро, да не се измачуваат и да се зачува чистотата на околината.