Abdula Berisha
17 Мај 2019•Ажурирај: 18 Мај 2019
СКОПЈЕ
Во Скопје се одржа промоција на меѓународен научен проект за примена на научните достигнувања при градење или одржување на патната инфраструктура во Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Проектот насловен „Примена на ПМБ (полимер модифицирани битумени) во носечките асфалтни слоеви“ е реализиран во соработка меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Чешкиот технички универзитет.
На промоцијата учествуваше и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој на прес-конференцијата кажа дека овој настан претставува одлична можност за запознавање на најдобрите професионални и практични достигнувања.
Тој истакна дека е добар момент за одржување на ваков настан, додавајќи дека во Северна Македонија се прават сериозни инвестиции во патната инфраструктура.
„Во моментов, преку Јавното претпријатие за државни патишта, се работат над 90 проекти, било по основ на изградба и реконструкција на патишта, мостови, платни места итн.“, истакна министерот Сугарески.
На прес-конференцијата се обрати и Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, којшто рече дека првичните резултати од примената на проектот се задоволителни.
„Имплементацијата на резултатите од овој проект ќе придонесе значително да се подобри патната инфраструктура во нашата земја и секогаш Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе придонесува и ќе помага вакви слични проекти“, рече Јанкуловски.
На промоцијата на проектот присуствуваа и претставници на државните институции од соодветната сфера, универзитетски професори од Северна Македонија и Република Чешка, како и многубројни стопанственици.
Во текот на промоцијата беше речено дека е спроведена една фаза на тестирање, при што дел од делница е изграден со употреба на нови материјали и научни достигнувања, и дека резултатите се многу позитивни.
Овој проект е прв меѓународен проект којшто се спроведува во Северна Македонија во патната инфраструктура.
Проектот има за цел да ги пренесе најсовремените искуства кои се спроведуваат во ЕУ. Се очекува тој да помогне во рационализација на средствата што се инвестираат во патната инфраструктура, бидејќи ќе овозможи продолжување на долготрајноста на патиштата.