Husamedin Gina
21 Март 2019•Ажурирај: 22 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - „Нашата визија е луѓето од една земја секој ден да можат да патуваат и да работат во друга земја", истакна денеска министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Кристос Спирцис, кој се наоѓа во официјална посета на Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за транспорт и врски на Северна Македонија, Горан Сугарески, денеска оствари работна средба со министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Кристос Спирцис, а по средбата, двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција.
„Постои и една визија која сакаме да ја реализираме“, рече Спирцис, додавајќи дека сакаат да го реализираат тоа, ако еден човек патува низ Централна Европа, кога ќе премине од една во друга земја, да не почувствува дека има граници.
„Значи, може луѓето да живеат во една земја и да работат секојдневно во некоја друга земја. Тоа е нашата визија, овој статус да го имаме понатаму. Треба да свртиме страница за да постои развој, и овој пат се отвора по потпишувањето на Договорот во Преспа“, нагласи Спирцис, додавајќи дека Грција ќе пружи помош во приемот на Северна Македонија во меѓународните организации поврзани со патниот сообраќај.
Министерот за транспорт и врски на Северна Македонија, Горан Сугарески, истакна дека заедничките средби се во духот на продлабочувањето на соработката на двете земји во полето на транспортот и услугите.
„Географски, местоположбата на двете земји е од особено значење за развојот на регионот. И од таа причина верувам дека проектите што ги работиме, ќе придонесат за економско јакнење на земјите од регионот, како и за подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните“, рече Сугарески, нагласувајќи дека на средбата се отвориле прашањата за можноста за зголемување на бројот на авионските линии помеѓу двете земји.
Според Сугарески, фокусот на денешните разговори со неговиот грчки колега бил развојот на железничкото поврзување, и за тоа веќе се во интензивни разговори за потпишување на спогодбата за регулирање на железничкиот граничен сообраќај.
На новинарско прашање, дали во знак на добра волја, во наредниот период има простор Грција да го смени името на аеродромот во Солун, кој се вика „Македонија“, министерот Спирцис одговори: „Секако, не. Нема да се промени името на аеродромот во Солун.“