Toni Avramov
01 Октомври 2017•Ажурирај: 01 Октомври 2017
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Тони Аврамов -
Варењето слатко од зрели смокви веќе се претвора во препознатлив бренд на најјужниот град во Македонија, Гевгелија, затоа што повеќе од 300 натпреварувачи се вбројуваат во историјата на оваа манифестација, над 1.000 килограми смокви се трошат на денот на одржувањето на манифестацијата, а организаторот, здружението на граѓани „Тера“, настојува да ги чува „марифетите“ за варење слатко.
„Да бидеме препознатливи и единствени, да ја сочуваме традицијата“, со ваква порака ќе ве пречекаат во Гевгелија на денот на манифестацијата „Смоквијада“, и уште ќе ве послужат со слатко од зрели смокви и студена вода.
„На овогодинешната Смоквијада учествуваат 10 екипи кои варат слатко на стар традиционален начин, а тоа е на пирустија, во бакарни калаисани тави, на дрва и рецепт кои тие сами го знаат“, изјави за Anadolu Agency (AA), Ани Костадинова, претседател на здружението на граѓани „Тера“ од Гевгелија.
Оваа веќе традиционална манифестација, која се одржува 11 години по ред, на едно место собира голем број љубители на веќе препознатливиот бренд од ова поднебје.
Се запалија огновите, се варосаа смоквите, па се ставија во тавите и за многу кратко замириса на шербет, се разврза оро и песна и започна славењето на смоквата. Никој од учесниците не го открива рецептот, велат тоа било тајна.
„Ова слатко се варело од многу одамна, од нашите баби, прабаби, мајки... Ние се трудиме да ја продолжиме традицијата на варење слатко од смокви бидејќи такво е подрачјето – најубавите смокви се од овој крај, од гевгелиско“, додава Викторија Узунова во изјава за АА.
За најдобриот на „Смоквијада 2017" одлучи публиката. Секој посетител можеше да проба од секое сварено слатко, давајќи го својот глас на гласачко ливче. Победник на „Смоквијада 2017" е брачниот пар Кире и Елза Стојанови од Гевгелија.
Содржините на „Смоквијада" годинава беа збогатени и со културно-уметничка програма, но и со презентација на автентични производи и ракотворби.