Andelija Stojkovic
29 Мај 2017•Ажурирај: 30 Мај 2017
БЕЛГРАД (АА) - Пратениците на српскиот Парламент денес го потврдија 21 меѓународен договор, меѓу кои и договорот за формирање на Регионална канцеларија за соработка на младите, договорот за статусот на Меѓународната комисија за исчезнати лица, како и договорот за формирање заеднички воено-медицински сили на Балканот, јавува Anadolu Agency (АА).
Пратениците денес го изгласаа договорот за формирање на заеднички воено-медицински сили на Балканот, чии потписнички се Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и Србија.
Во договорот се наведува дека здружените воено-медицински сили се формираат за да се утврди, унапреди и подобри употребата на медицинските оперативни способности во регионот на Западен Балкан. Како што се наведува, воено-медицинските сили можат да се користат по барање на една страна или на меѓународната организација.
Исто така се додава дека воено-медицинските сили својата функција ја вршат во мир и во кризни ситуации.
Пратениците денес го изгласаа и договорот за статусот и функциите на Меѓународната комисија за исчезнати лица, со што ќе се обезбеди соработка на државите и другите органи во пронаоѓањето на лица кои исчезнаа за време на оружените конфликти, злоупотребта на човековите права или природните катастрофи. Седиштето на комисијата е во Хаг, Холандија.
Пратениците гласаа и за договорот за основање на Регионална канцеларија за младинска соработка со седиште во Тирана, Албанија, а чија мисија е да се поддржи регионалната размена на младите луѓе и нивните идеи, и да се интензивира соработката меѓу младите и институциите кои работат со млади.
Според договорот, дел од персоналот на Канцеларијата ги ужива привилегиите и имунитетот потребен за работа на канцеларијата. Договорот е направен во рамките на „Берлинскиот процес“, на конференцијата на шест балкански држави во Виена, 2015 година.
Владејачката коалиција тврдеше дека договорите се добри и корисни, особено се осврнуваат на договорот за Комисијата за исчезнати лица, за кој рекоа дека ќе им ја овозможи работата на независните тела и истакнувајќи дека исчезнатите државјани на Србија се, во најголем дел, надвор од границите на Србија.
Пратениците, воглавно негодуваа поради договорот и прашаа што ќе се случи со воено-медицинските сили ако дојде до војна меѓу државите-потписнички.