Admir Fazlagic
16 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати, се состана со амбасадорот на Европската Унија (ЕУ) во земјата, Самуел Жбогар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Уставниот суд, предмет на разговорот на средбата биле теми кои се однесуваат на функционирањето на Судот како независен и самостоен орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
„Во таа насока беше истакната потребата од донесување соодветна правна рамка, што би значело гарантирање и остварување на институционалната, буџетската и административната самостојност на Судот, како и унапредување на статусот на уставните судии, како едни од предусловите за зацврстување на нивната независност“, се вели во соопштението од Уставниот суд.
„Покрај ова, беше потенцирана потребата од натамошно унапредување на улогата на Уставниот суд, како заштитник на слободите и правата на човекот и граѓанинот, преку проширување на опсегот на уставно-судска заштита на сите уставно предвидени слободи и права со воведување на нов инструмент – уставна тужба. Како можно решение во оваа насока беше посочено на потребата од донесување посебен закон за Уставниот суд, со кој би биле опфатени сите овие прашања“, се додава во соопштението.
Се наведува дека „од страна на амбасадорот на ЕУ беше искажана поддршка во напорите за унапредување на статусот на Судот, како еден од столбовите на владеењето на правото и заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот“.
По средбата во Уставниот суд, амбасадорот Жбогар беше запрашан како гледа на изјавата на премиерот Зоран Заев во која бара поддршка од ЕУ за најавениот ветинг во судството, на што тој одговори дека ја немал слушнато изјавата на премиерот, но дека треба да се искористат елементите за подобрување на судството однатре.
„Ние ќе продолжиме со нашата поддршка, како во минатото, така и во иднина. За следната година планираме проект за мониторирање за случаите со висока корупција и веруваме дека ова ќе го подобри функционирањето на судството. Ветингот секогаш е последната опција. За ветингот има еден предуслов, а тоа е консензус од сите политички страни, но во моментот не гледаме дека има потреба за тоа. Секако дека нашиот став е дека одлуката останува на земјата“, изјави Жбогар во одговорот на новинарското прашање.