Bojana Stojanovic
30 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
БЕЛГРАД (АА) - За помош, поттикнување и економско зајакнување на Србите од Косово, договорени се 76 проекти во вредност од околу 6 милијарди и 100 милиони динари, изјави денес претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, по седницата на Владата со претставниците на Србите од Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата во Белград, Брнабиќ изјави дека станува збор за испишување нови страници за поддршка на Србите на Косово.
Таа објасни дека во 2018 година ќе бидат вложени 444 милиони динари, во 2019 година повеќе од 5 милијарди динари, а во 2020 година, 583 милиони динари.
Брнабиќ, исто така изрази загриженост поради „тешкиот период кој е пред Србија“, а кој се однесува на формирање на Војската на Косово и преземање на надлежноста на Електромрежата на Србија на Косово, истовремено потсетувајќи и на нападите врз Србите на Косово во изминатиот период.
„Она што ние денес можеме да го направиме е економски да го зајакнеме нашиот народ на Косово и да му дадеме уште една причина да остане на Косово, бидејќи тоа е моментално најважно за нас“, изјави таа за новинарите во Белград.
Директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Марко Џуриќ, појасни дека станува збор за проекти во речиси сите области од животот, кои се однесуваат на Клиничко-болничкиот центар во Косовска Митровица, реконструкција на Техничкиот факултет во Косовска Митровица, изградба на нов Универзитет во Косовска Митровица, Ски-центарот „Брезовица“, туристичкиот центар во Бањска и други.
Потпретседателот на Српската листа и министер за заедниците во Владата на Косово, Далибор Јевтиќ, се заблагодари на „иницијативата која праќа јасна порака на секој Србин, без оглед на тоа каде живее, а тоа е дека имаме полна поддршка од Србија, сите институции и секој поединец кој денес ја сочинува Владата на Србија за она што се животните потреби на Србите.“
„Сите ние кои живееме на просторот на Косово, знаеме дека е важно да бидеме економски силни“, изјави тој.
Според неговите зборови, за решавањето на сите несогласувања и проблеми треба заедничка работа на сето тоа.