Medin Halilovic
20 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
БЕЛГРАД (АА) - Српската полиција синоќа заплени повеќе од еден тон сканк, што е рекордна заплена на наркотици во една акција, не само во Србија, туку и во регионот, изјави денес потпретседателот на Владата на Србија и министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ.
„Со сериозна и напорна работа на припадниците на полицијата, наркотиците се запленети во подрачјето меѓу Нови Сад и Бачка Паланка, каде што е уапсена и криминалната група која ја пренесувала дрогата“, рече Стефановиќ, пренесува Министерство за внатрешни работи на Србија.
Тој истакна дека повеќе од 1.000 килограми дрога се пронајдени во шуплините на возило и рече дека ова е една од најголемите заплени на сите времиња и најголема поединечна заплена на наркотици во регионот.
Српскиот министер за внатрешни работи наведе дека ова покажува оти Република Србија е подготвена да биде потпора на целиот регион во борбата против трговијата со дрога.
„Ние ќе продолжиме со добрата и успешна работа, тргнавме тон дрога од улиците од нашите деца и со тоа покажавме сериозна посветеност во борбата против овој вид криминал“, нагласи Стефановиќ, додавајќи дека е создадена нова генерација професионалци, сериозно обучени, опремени, подготвени и силно мотивирани да се борат против нарко-криминалот и против сите криминални кланови кои се занимаваат со дистрибуција на дрога во Србија, регионот и пошироко.
Припадниците на МВР на Република Србија заплениле 1.096 килограми сканк, чија вредност се проценува на околу четири милиони евра, и уапсија шест лица поради основано сомнение дека сториле кривично дело здружување поради извршување кривични дела и недозволено производство и трговија со опојни дроги.
Дрогата била пронајдена при претрес на цистерна, која се наоѓала во магацински простор во Обровац во близина на Бачка Паланка (Војводина), во специјално направени бункери, којашто поради натамошен транспорт требало да се премести во друго товарно моторно возило.