Hakan Mehmet Şahin
20 Ноември 2019•Ажурирај: 21 Ноември 2019
ЕДРЕНЕ (АА) - ХАКАН ШАХИН -
Нерегуларните мигранти фатени во Грција каде што влегле на илегален начин, тврдат дека биле претепани и испратени кон турската страна од грчките безбедносни сили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турските гранични и жандармериски сили во Едрене фатија 250 нерегуларни мигранти во близина на подрачјата на Ипсала и Енез. Овие нерегуларни мигранти кои се со потекло од Пакистан, Ирак, Мароко, Палестина и Авганистан, беа пренесени во Градската дирекција за миграција во Едрене.
Нерегуларните мигранти со потекло од Пакистан тврдат дека биле претепани и присилно испратени кон Турција од страна на грчките безбедносни сили, и ги раскажаа тешкотиите со кои се соочиле при процесот на нивното враќање.

Арбаз Кан, со потекло од Пакистан, во разговор за АА истакна дека пред околу четири месеци на илегален начин дошол во Турција.
Тој раскажа дека извесно време работел во Истанбул, па дошол во Едрене со цел да оди кон Европа, а потоа една ноќ со група од 20 лица преку реката Марица преминал во Грција.
Кан нагласи дека по два часа пешачење во Грција, биле фатени од страна на полицијата.
„Нѐ фатија и нѐ однесоа во едно место. Најпрвин ни ги зедоа телефоните и вредните нешта. Потоа ни ги соблекоа обувките и ни ги фрлија. Нѐ претепаа. Нѐ однесоа во место кое наликуваше на камп. Нѐ натераа да чекаме два дена без храна и вода. Потоа нѐ однесоа во реката, нѐ претепаа и нѐ испратија кон турската страна“, додаде Кан.

Од друга страна, Мушараф Хусаин, со потекло од Пакистан, рече дека Грција лошо се однесува со фатените нерегуларни мигранти.
Хусаин нагласи дека пред една недела бил фатен во Грција, и дека два дена бил задржан во станица без храна и вода, бил претепан, и потоа преку реката Марица бил присилно испратен кон Турција.
Тој истакна дека грчките војници се многу внимателни во враќањето на нерегуларните мигранти.
„Нѐ претепаа и нѐ однесоа кон реката, но кога ги видоа турските војници, не нѐ испратија. Потоа нѐ однесоа во друго место и оттаму нѐ испратија кон турската страна“, рече тој, додавајќи дека турските војници многу добро се однесувале кон нив, и дека од нивна страна им биле обезбедени основните потреби.