Kemal Zorlak
08 Јули 2019•Ажурирај: 08 Јули 2019
САРАЕВО (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, допатува денес во дводневна посета на Сараево. Во рамките на посетата, Ердоган ќе учествува на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), со кој претседава Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган пристигна на меѓународниот аеродром во Сараево, а во негова придружба, покрај членовите на неговиот кабинет, во Сараево допатуваа и сопругата Емине Ердоган, министерот за одбрана, Хулуси Акар, министерот за трезор и финансии, Берат Албајрак, и министерот за транспорт и инфраструктура, Џахит Турхан.
Турскиот претседател на сараевскиот аеродром беше дочекан од министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, помошник-министерот за надворешни работи на БиХ, Алмир Шаховиќ, и амбасадорот на Република Турција во БиХ, Халдун Коч.
Се очекува за време на првиот ден од посетата, Ердоган во Сараево да се состане со делегацијата на турската воена мисија во БиХ, која делува во составот на ЕУФОР.
Ердоган ќе ги посети и шехидските гробишта во Ковачи и гробот на првиот претседател на Претседателството на БиХ, Алија Изетбеговиќ.
Ердоган денес ќе се состане и со членовите на Претседателството на БиХ. Во текот на денот најавен е и состанок на Ердоган со претседателот на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ и претседател на Странката на демократска акција (SDA), Бакир Изетбеговиќ, и негово учество на свечената вечера во зградата на Претседателството на БиХ.
По средбата со Изетбеговиќ, планиран е состанок меѓу Ердоган и претседателот на Словенија, Борут Пахор.
Во вторник, вториот ден од посетата, претседателот на Турција, Ердоган, ќе присуствува на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а на маргините од состанокот би требало да се состане и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Во придружба на сопругата Емине, претседателот на Турција, Ердоган, во Сараево би требало да учествува и на испраќањето на посмртните останки од жртвите од геноцидот во Сребреница, кои ќе бидат погребани во Поточари, на 11 јули, на 24- годишнината од тоа злосторство.