Fatjon Cuka
28 Август 2026•Ажурирано: 28 Август 2026
Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа, реагираше во врска со тврдењата и медиумските извештаи за координирани хибридни активности со цел дестабилизација на Црна Гора, изјавувајќи дека Албанија ниту е, ниту може да биде дел од какво било сценарио за дестабилизација, пренесува Анадолу.
Во реакцијата објавена на социјалните мрежи, Хоџа истакна дека ја видел изјавата на црногорскиот премиер Милојко Спајиќ за наводната вклученост на официјални претставници од „најмалку две земји од регионот“ во координирани хибридни активности, како и различните медиумски толкувања и инсинуации што уследиле.
„Медиумските извештаи се дел од јавната дебата. Ние ги читаме и анализираме со должно внимание, но им пристапуваме со потребната резерва, особено кога содржат различни или противречни толкувања. Иако против Албанија не е упатено никакво официјално обвинение, сакам јасно и категорично да истакнам дека Албанија ниту е, ниту може да биде дел од какво било сценарио за дестабилизација, ниту во Црна Гора, соседна, пријателска, партнерска и сојузничка земја во НАТО, со која го делиме истиот проект за членство во ЕУ, ниту каде било на друго место“, истакна Хоџа.
Според него, Албанија секојдневно инвестира во соработката, взаемното разбирање, стабилноста и развојот на регионот, како и во пошироката европска и евроатлантска соработка.
„Претпоставките, медиумските толкувања или внатрешнополитичките дебати во една соседна земја не можат и не треба вештачки да создаваат проблеми меѓу нашите две земји. Ние сме во постојан контакт, на сите нивоа“, додаде Хоџа.
Шефот на албанската дипломатија нагласи дека различните актери, вклучително и политичките, се добредојдени да ги добијат сите потребни информации од Министерството со цел, како што рече, да се избегнат непотребни дебати и, пред сè, „да не се дозволи надворешната политика на земјата да стане предмет или инструмент на внатрешнопартиски дебати и пристапи“.
Министерот Хоџа истакна дека надворешната политика секогаш бара смиреност, умереност и одговорност.
Инаку, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ изнесе тврдења за постоење сериозни безбедносни информации поврзани со координирани хибридни активности чија цел е дестабилизација на Црна Гора.