Stipe Majic
09 Април 2019•Ажурирај: 10 Април 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Поради наводно дејствување на хрватската Безбедносно-разузнавачка агенција (SOA) во Словенија, хрватскиот амбасадор е повикан на разговор во Министерствто за надворешни работи на Словенија, а словенечката амбасадорка од Хрватска е повлечена на косултации во Љубљана, јавува Anadolu Agency (AA).
Словенечкиот премиер Марјан Шарец свика седница на словенечкиот Совет за национална безбедност, откако вчера во јавноста се појавија наводите на словенечката телевизија ПОП-ТВ (POP-TV) дека посредникот на хрватската Влада, Иван Тољ, првиот човек на групацијата „Стирија“ (Styria) во Хрватска, се обидел да го запре емитувањето на репортажата за прислушкувањето на словенечките официјални лица од страна на хрватската Безбедносно-разузнавачка агенција.
Шарец изрази загриженост поради тоа што, како што се наведува, хрватската Разузнавачка агенција го прислушкувала поранешниот словенечки арбитер во арбитражната постапка за границата, поради што Хрватска го напушти арбитражниот процес на разграничувањето со Словенија.
Во Кабинетот на словенечкиот премиер Марјан Шарец се загрижени, како што тврдат, поради обидите за влијание на хрватските претставници на известувањето на словенечката телевизија ПОП-ТВ за дејствувањето на хрватската разузнавачка служба, и порачуваат дека притисоците врз медиумите се недопустливи и во спротивност со темелните начела на демократијата.
Станува збор за второ обвинение упатено кон хрватската Безбедносно-разузнавачка агенција од страна на една од соседните држави, откако министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ, ја прозва СОА за вооружување на радикалите во БиХ.